Посникот и вдовицата праведница

Живеел еден посник на една планина, околу трисесет години, се во пос и молитва. Дење-ноќе се метании чинел и Бога го молел, за Господ да го прости и да го посвети. На тоа згора посакал посникот од Бога, за Господ да му покаже кој светија ет токму посветен. Молејќи се така поснико, Господ, Сполај му, посакал да му јави кој е токму посветен, и туку едно утро рано во зората, едно излегол од посницата надвор, ги кренал рацете за да се помоли на Бога и гледајќи горе на небеси видел една силна ѕвезда, пуштена од небеси право на една куќа згора, и на тој час чул еден глас од Бога да му вели вака: "Посниче, мучениче, од многу време ти кај ми се молиш да ти покажам еден светија што е токму посветен. Ете денеска ти покажувам со оваа пропуштена ѕвезда од небото на една куќа од една вдовица со пет деца, сиромашка и многу мачна. Ако сакаш, појди кај неа и види го светилокот нејзин, та стокми го со твојот и биди мирен, за напред веќе да не ми додеваш за таа работа.
Кога ги чу посникот тие зборои од Бога, за чудо станал и на часот тргнал да оди кај вдоицата, за да ја види. Отишол во градот и спроти како што била ѕвездата на куќата, прво влегол во таа куќа и ја нашол вдовицата дома, кај ткае во разбој гологлава, со голема брзина. Откога се здравувал посникот со вдовицата, излегла од разбој и го пречекала со голем пречек. Го курдисала во сиромашката си куќа, му ги измила нозете, го навечера со што и дал Господ, леб и сол и си ја зема урката да преде лен. Сите пет деца наредени околу неа, сите облечени во чисти алишта, сите измиени и очешлани, да ти е мило да ги гледаш. На некое од децата му ги пофалувала збороите што ги кажувало за некоја добра работа што ја направило на браќа си, на комшиите и на други луѓе. Другото дете го поучувала за како да биде прокопсано и чесно пред луѓето и пред Бога. На тој разговор од вдовицата посникот беше се учудил. Дошло времето за спиење, и посникот станал та почнал да се крсти и метании да чини. Кога се крстел и чинел метании колку еден саат, си легнал да спие. Откога си легнал посникот, вдовицата си поработила по темно видело, за да не и се прави арч, чунки била сиромашка. Штом си втасала од работата и си ошла до децата, таа се прекрстила само трипати и си легнала.
Посникот во тоа време не спиел максус, само да види колку метании ќе стори вдовицата кога ќе си легне. Откога видел посникот само трипати се прекрсти си рекол сам со себе. "Чудна работа ќе биде со оваа вдовица, само трипати да се прекрсти на легнуање – и попосветана да биде од мене, аџаип работа ќе биде оваа. Ја чекај утре јас да ја пораспрашам од што е толку светена. Така велејќи си посникот во себе си, беше заспал.
Утрото уште од темни зори се разбудил и бидејќи било недела, почнал да се готви за в црква да оди. Во истото време станала од спиење вдоицата и се прекрстила два-три пати и си влегла в разбој да ткае. Кога ја видел посникот оти во недела ткае, на големо чудо станал и почнал да праша:
-Ти рисјанко, во недела зер работиш?
- Работам, брате работам, за да го свршам платното туѓо и да земам пари за да купам брашно, за да ги ранам децата.
- Ами в црква ќе одиш? – ја прашал.
- Оф, бре, брате мило мое, да одам в црква, арно ама не можам да превтасам од работа, тики само на Велигден и на Божик в црква одам. – му рекла.
"Бре, колкуцка малце се молела Бога оваа вдовица, ами ако држи празници, в црква да оди и метании да чини, како мене, кој знае колку светиња ќе биде."
- Слушај ваму, рисјанко – и рекол – отсега ваму во недела да не работиш, и во сите празници в црква да си одиш и утро-вечер метании да си чиниш. И други добрини да правиш, ако сакаш совршено да му угодиш на Бога. Ете така рисјанко, да правиш и седи ми со здравје – и рекол посникот.
Откога ги чула тие зборои од посникот, вдовицата ги клала в ум и почнала така да прави. Денеска утре, од многуто дангуба што ја правело по богомолението, осиромашила до крај и многу вечери легнувала сосе деца без леб и се зготвила да пропита. Посникот тоа нешто беше го усетил, чунки ѕвездата што беше над куќата од вдовицата, од ден на ден беше се изгубила. "Ах, јас грешник и недостоен, - си рекол посникот сам во себе- што појдов кај таа светица и ја научив да се моли Богу и да не работи за да си ги преранува децата, зер кој знае на каква голема мака е и му грешила на Бога. Ја чекај да појдам и да и речам да си прави како напред." Кога отишол посникот кај неа, вистина беше ја нашол скудна за еден залак леб и пак ја помолил, за да си праи како напред. Си почнала вдовицата да си работи многу и да се моли на Бога, со метании и со крстење малце. И така си ги изгледала петте деца и пак таа биде светица. (Подготви Марко Китевски)

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org