Змеј и ламја

Змеј и ламја

Во Скопје населението верува дека постојат змејови и ламји, дека тие се во постојана борба летно
време едните со другите; дека првите од нив се чуварите на сеидбите, а другите, нивните
разрушители.

Според верувањето како змејот, така и ламјата се раѓаат од луѓе, првиот од добри и богоугодни
родители, а ламјата напротив – од некој угурсузи, зли. Змејот е машко дете, а ламјата
– момиче. Тие имаат крилца под мишките, но само праведните луѓе можеле да им ги видат. Како
змејот, така и ламјата се носеле во стомакот на мајка си не девет месеци како што е обично, а 15,
18 или и 20 месеци. Населението зборува со симпатии за змејовите, а ги мрази ламјите.

Улогата на змејот и на ламјата е следнава:

Летно време, обично кога житата растат и пред жетва штом времето се расипе и започне да грми и да
паѓа дожд, тогаш ламјата (била таа уште детенце во лулка ли возрасна жена), како пакосница
заспива, и духот нејзин тргнува во нивите, за да го сосипува житото. Во истото тоа време и змејот
(уште дете или веќе маж), за да го сочува бериќетот, и тој исто така заспива, а духот негов ќе
појде да го проследува духот на ламјата. Штом тие два духа се сретнат, - каде и да било тоа, -
започнува ужасна борба меѓу нив. Ламјата се бои од змевот и, штом го види или усети, таа полетува
во облаците, но и змејот не ја остава на мира, туку ја проследува додека ја стигне и ја смачка од
ќотек и ја натера да се врати дома. Во времето кога станува таа борба, тогаш највеќе грми и светка.

Се верува уште, дека ако некој би го превртил или преместил детето змејот, кога спие, и
духот му е во облаците, тоа, кога ќе се вратело, не ќе можело да си го познае своето тело, и во
таков случај змејот умирал. Во времето, кога станувала борбата во облаците и по нивјата, телото на
заспаниот змеј се обливало само во пот и од седне детето змеј се чувствувало уморено два-
три дена на ред.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org