Листот од праведникот

Едем сиромав човек беше ги прекрстил обете раце и беше застанал да се дума, за како да си ја прерани куќата и челадта. Мисли денеска, мисли утре, умот од главата ќе му излезе и крај со крај не може да стави за да најде некоја работа, нито па некој за да го пожала и да му рече: "Што така, бре братко, си прекрстил раце и туку се думаш, што ти е алот?" Откако многу скорби и жалои виде, оти никој род и пријател не се најде да го праша и да му помогне, ги крена очите на небеса издивна од срце та рече: "Оф, Господи, барем ти поможи ми на оваа скрб што ја имам, оти од мислење ќе се потерам." Уште несимнати очите од небеси, виде кај слегуваат два гулаба и паднале близу пред него. Едниот си застанал на местото кај што паднал, а другиот почнал да шета низ дворот, за да бара рана. Појал малку тој и зел та му донесол и на другиот гулаб. Така му носел дури го најал.

Сиромавиот се чудел на таа работа и си велел оти Господ ќе му покаже нешто со гулабите. Се приближа за да види арно, за ошто сам гулабот не се наведува да се рани и да си го земе барем тоа што му паѓа од устата. Кога го виде сиромавиот оти гулабот бил слеп со обете очи, другиот гулаб летна и небичас долетал пак при слепиот гулаб и му ги затри очите со едно ливче од трева и тој час му се отворија обете очи. Со голема радос си летнаа двата, а листот од тревата го оставија наземи. Сиромавиот пошол та си го зел и си рекол со умот: "Овде ќе ми покаже нешто Господ со оваа тревичка." Излегол за да си оди в чаршија; и срете на патот еден човек слеп кај го водат за рака.

- Ја постој, бре водачу, - му рече сиромавиот – за да му ги намачкам очите со една билка на слепиот, белким ќе прогледа.

Едно му ги затри со тревата, и веднаш се опулил. Дал блаосои слепиот, одземи до небо, го грабнал да го бакнува и да му кажува на сите што се собраа околу нив.

Се прочу сиромавиот низ целиот град. И на мнозина слепи луѓе му ги оздрави очите. И така се обогати со многу пари.

Уште една дарба таа трева имаше. Кога да ја носеше сиромавиот со себе, секакви скришни работи видуваше каде што ќе се правеа во градот. Многу украдени работи тој ги искажа на луѓе богати и големи бакшиши земаше. Откога се обогати многу, тргна за на аџилак да оди. Пливајќи по море, во гемијата му умре еден патник, богат човек, што и тој одеше за на аџилак. Го кладоа слугите негови во еден куфер. До куферот си легнале двајца луѓе: едниот шишко, а другиот слаб. Си патувале со гемијата ден, два и луѓето саде си лежат покрај умрениот. Се чуди сиромавиот за што да лежат двајцата луѓе покрај умрениот. Нејсе, дошле на скелето и излегле на суво. Го зеле измеќарите умрениот, го закопале. Со него влегол в гроб и шишкавиот, а слабиот останал на гробот со прекрстени раце и увилени очи. Се приближил сиромавиот со ливчето од тревата до слабиот човек што остана на гробот и го праша:

- Пријателе, ќе те прашам нешто, ако не ми кажеш. Зошто ти и другиот што влезе в гроб со умрениот, лежевте до умрениот откога умре досега? И зошто другар ти го закопаа со умрениот човек, а ти не влезе в гроб и сега застана да скорбиш така со прекрстени раце?

- Да ти кажам, - му рече слабиот човек – умрениот беше богат многу; арно ама, богатството му беше добиено се со неправина, да затоа, да му е милост на Бога, му го скуси животот, за да втаса да оди на аџилак, чунки, откога ќе си дојдеше од аџилак, уште повеќе ќе лажеше и повеќе лошотии ќе правеше со името аџија. Е, човекот што влезе во гробот тој е ѓаолот, што го слушаше богатиот кога да го учеше да прави секакви лошотии, а пак сега кога ќе дојде при Бога, ѓаолот ќе го земе од пред судот негов и ќе си го однесе во вечна, а јас пак сум ангелот што го учев на добро и не ме слушаше, и сега ми е жал оти така да се мачи во вечна. Ете тоа сме ние, пријателе, туку јас седам и се чудам со тебе какви очи си имал ти што не гледаш нас, чунки ние сме духои, а не снаги. Молам, ако не ми кажеш како не гледаше, чунки никој друг човек до денеска не не видел, освен кога ќе му излезе душата на чоека.

- Ете со ова ливче што го имам – му рекол чоекот на ангелот и му кажал како го добил.- Еве види го ангеле ако сакаш.

Го зел ангелот в рака и веднаш му се затвориле очите на сиромавиот, за да не може да види ангел и други скришни работи.

- Доста стоја ова ливче у тебе и доста ти е стоката што ја доби со него, оти со стоката можеш да грешиш и да умреш, како овој мој богат што го закопаа. Оди си на аџилак, ама да не бидеш големџија како сите аџии што се полоши откога не биле аџии.

Сето ова што му го зборуваше ангелот, саде збороите ги слушаше и ангелот не го гледаше. Фррр со крилјата стори ангелот и си летна.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org