Невена и деветте и браќа

Једна жена си имаше девет синои и една ќерка. Сторила ниет да ја мажит сестрата од деветте браќа. Од многу места ја сакаа за да ја земат од градо кај што беа. Арно ама ја посакале од некој град друг. Местото кај што ја сакаа многу беше арно и беа многу богати.

Осумте браќа неќеа да ја даат на туѓина. Малиот сакаше на туѓина и најпосле на негоото биде, и ја омажија на туѓина.

Откога ја омажија чупава, многу му падна жал на мајка му, а најпоеќе на деветте браќа. Од голема жал се поболија и еден по еден сите умреа. Остана мајка му како кукаица. Вати та исцрни сите ѕидои од куќите и покри со црно платно сите куќи. Дење и ноќе само плачеше и пискаше и од жалојте незини чоек пред портите не поминуаше, нито па в порта је влегуаше. Обрасте пред портата и трева до рамена. Од жалој чоек да се опулеше, страв од срце ќе го ватеше. Пустата мајка ништо не работеше, само на гробишта си одеше на ранина и тамо цел ден на деветте гробој си плачеше на секого со ред, од големио до најмалио, редеше и плачеше, а на најмалио је син многу пати и тука заспиваше. Многу жалеше и понекоаш во тажењето го колнеше најмалиот је син, оти тој се сторил себеп за даја омажат ќерка је на туѓина, за да ја немат сега покрај неа.

Плачи денеска, плачи утре и цели ноќи кални, од солѕи што ронеше пустата стара вир вода гробо му го подводи на Костадина. Од много додевање на мајка му од Костадина, му се здодеа и го помоли Бога за да му ја врати душата во мршата за една ноќ. И сполај му на Бога, му ја врати и отиде кај сестра му на порта да клука. Клукна еднаш, дваш и сестра му чу.

-Кој е тој што клука- рече таа жалоито- сега ноќна доба?

-Јас сум, мила сестро Невено, брат твој Костадин, отвори брго!

Отвори пустата сестра Невенка и го грабна, та го избакна брацки и со солѕи горешти на очите и со стресен глас му рече:

-У, бре брате, што вака ми мирисаш земјоина и мувлоина?

-Земја сум работил, златна сестро, затоа мирисам мувлоина, туку ајде приготви се брго за да одиме, оти требаш за да се најдиш дома, да је помогниш на мајка.

-Мило брате, ти се молам, право да ми кажиш, што солкувија ме викаш? Дали некој брат имам умрен? Дали мајка умрена е?

-Брго, сестро, спремај се оти доцна останавме.

Виде- невиде Невенка, се пригоди и си зеде алишта жалосни и радосни и си тргна со брата је да оди.

Одија, одија до стред пат и чу Невенка глас од едно црно пиле кај си пееше и си велеше:

-Цицир- вицир, цицир- вицир, кај се чуло и видело мртво момче да воскресни и да води по себе сестра си?

-Али чу, бре брате, како пејт црното пиле што стоит на суана ехла?

-Оди, сестро Невено, така ти се чинит и ти се озиват во оваа пуста пустелија, црнава планина, така ти се сонива оти си замислена.

Замолча сирота Невена и изврвеа старата планина. Штом зора пукна, и стигнаа на порта своја.

-Оф, брате Костадине- го праша- ами оти нашите порти со олкаа трева израснале? Оти сите куќни ѕидој поцрниле? Ами што се оние жалосни мајкини гласој онолку жални?

Клукна брат је силно на порта, како нажалено и збогум му рече.

-Ти, сестро, за се што ме прашаш мајка ќе ти кажит, оти јас немам време да стојам; осумте твои и мои браќа ме чекаат од град надвор при татка.

И невиден се стори од пред неа. Тогај је текна на сирота Невенка за пилето што је пееше на пато оти брат је бил умрен. Излезе пустата и поцрнена мајка за да отвори пустите порти. Кога ја виде ќерка си Невена, ја грабна и в очи ја целива и ич не можеше збор да проговори. Таа плачит и таа плачит прегрнати, паднати на колена. Кој помина, се застана, од жалои се расплака.

По некој саат, одвај свеста малку им дојде, и праша мајка си Невена:

-Мајко, мајко, мајко, кај се мојте девет браќа? Зошто Костадин ме донесе доовде и ми рече: збогум сестро, оти ќе одам кај браќа ми од град надвор, тамо со татка биле и него го чекале.

-Оф, златна ќерко, моја ладнино, на душа брат ти Костадин да те има и тебе и мене, што се стори себеп и те омажи на туѓина за да не си при мене; кога `и женив браќа ти, `и пратив сите домазети, та си останав јас сама како кукаица; ја ќерко да ојме и куќите од браќата да му `и почестиме.

Кога чу тија зборој Невенка од мајка си, му се разрадуа срцето и му се стори оти вистина `и оженила браќа је. Ја поведе по себе, и кај ја однесе? Од град надвор, на гробиште.

-Еве му куќите, златна Невено, на деветте мили твои браќа, сите со ред наредени!

Падна наземи пуста Невена и одвај `и доцелива деветте гробој и си умре згора на гробо од малиот Костадина.

-Ду! Ќерко, ќерко, дали и ти тоа чудо ми го стори!- свика старата и си падна на Невенка и таа си умре. И се стори чудо за приказна.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org