Дедо Нојо, глушецот и змијата

При друзите чудесии што напрал ковчегот од деда Ноја, напраил и оваа чудесија: откоа чукнал Нојо на четири страни на една штица, да се збираат сите животинки, и едно чуле гласот од клепалото, и тргнале сите животинки чифт и чифт, та си влегле сите во гемијата, спроти како што беше определено од Бога, за кои ѕвери да влезат во гемијата и тие си влегоа. Помеѓу сите животинки имало и глувци и змии. Откоа се кренал ковчего на вода, сите животинки седеа кротки како некој јагниња од страо на водата.
Арно ама, и на тој страв се најде едно животинче да нема страв оти ќе се потопи, ама али од јунак што било, али од будала, веќе кој знаи како било. Да си кажиме прао, тој без страв јунак ти бил глушецот. Што му текнало да праи глушецот, почнал да ја гризи гемијата, како за еленџе да си праи, грц, грц, грц, гризи денеска; грц, грц, грц, гризи утре, дури го дупна ковчегот, и туку штрекнало вода од дупката во ковчего. Спискале животинките по деда Ноја, што им грло течи.
Дотрчал дедо Нојо и – што да види? Водата течи како чешма низ дупката. Бре, кој го дупна ковчего? Бре, како се стори? Се докажа од змијата оти глушецот го дупнал ковчегот, чунки змијата беше го видела кога гризел глушецо. Дал вик дедо Нојо по сите ѕверки да дотрчаат кај дупката и да ја затнат. Арно, туку од пустио страв на водата, никое животно не му дошло на помош, само арслано дошол и баеги се опечалил сиромаио да ја затни дупката со опашката. Арно ама, не могол да ја пикни опашката во дупката за да ја затни. (И 'рслано бил блаосоен од дена Ноја, при се што не могол да ја затни дупката со опашката: - Ај да ти е блаосоена опашката, а бре 'рслану – му рекол дедо Нојо – и со неа да си ја покриваш зад тебе трагата!)
Гледајќи змијата оти 'рслано не можел да ја затни дупката, му се испраи пред деда Ноја и му рече:
- Јас можам да ја затнам дупката, дедо, ама ако ми даиш нешто бакшиш?
- Е што бакшиш сакаш, мори змијо, да ти даам? – је рекол Нојо. – Кажи ми, ако е мунасип, ќе ти даам, само да ја затниш дупката?
- Сакам да ми даиш, дедо, од бјулбјулчињата, што се на горнио кат, да си 'и изеам. Ете тоа сакам да ми даиш, дедо.
- Тоа, тоа ќе ти даам, змијо – 'е рекол Нојо – само затни 'а дупката.
Коа чу змијата тоа нешто од деда Ноја, на часот беше се спуштила и беше ја воврела опашката во дупката и ја затнала.
- Сечи ме, дедо, до кај сум пикната во штиците – му рекла – да остани затната дупката.
На часот Нојо изваил ножо и ја пресекол опашката на змијата, и остана затната гемијата. Ете понекоаш и змијата праи добрина, ама со рушвет – со рушвет нека бидит!
Баеги дни што боледуала змијата од пресечената опашка, арно ама надевајќи се на убаите бјулбјулчиња оти ќе му даел дедо Нојо, како да не сети болештина голема, ами светрум 'е поминала.
Откоа се затна дупката од гемијата, заповеда Нојо да дојди глушецот и да ја исплиска водата што влегла од дупката, и да ја очисти гемијата. Арно, туку глушецот беше се устрамил од грешката што беше ја напраил, тики беше се скрил помеѓу животинките, та одвај го нашле и му го донесле пред деда Ноја.
- Кај си, бре пакоснику? Да би пакос да праиш и така да се раниш! – му рекол дедо Нојо како наврекнато. – Што се криеш, да би довек да се криеш по дупки и по куќи и бел ден да не видиш! Ха, земи да ја изблискаш водава од гемијава што ја пушти ти, оти сега ќе те преврлам преку гемијава да се удаиш во потопот!
Устрамен сиромашкио глушец, си засукал поли и ракаи, та почнал да плиска вода. Како ти плискал, како ти плискал, да дури ја исплискал сета. Ама пак беше окапал, веќе не ти треба, како глушецо окапан, што велат стари, во некоја каца од расолница. Од врв глаа да дури до петици беше се напраил жива вода.
Нејсе како било, било, поминало, спаднала водата и излегол дедо Нојо со синои си и испуштил сите животинки од гемијата и секое од нив 'и блаосуаше. Излегуајќи и змијата, и неа ја блаосоил да си јади глувци. Кога чула змијата оти ја блаосоил дедо Нојо да јади глувци, недраго и паднало и му се испраила пред него, та му рекла:
- Ами лели бјулбјули ти сакав да ми даеше, бре дедо Нојо, оти сега ме блаослааш да јадам глувци?
- Не сум ти таксал да јадиш бјулбјулчиња – 'е рекол дедо Нојо – чунки ти ми рече: ако ми даиш од горските глувчиња, а не ми рече од горните бјулбјулчиња. Јас така те разбрав и така ти се таксав, та затоа и така те блаосуам. Ете така, змијо, оди си со здравје сега и поеќе зборои не ти треба.
- Е, сега разбрав оти јанлаш си ме разбрал и јанлаш сум те разбрала. ај бериќетверсин и на полцките глувчиња. Ама очите ќе ми бидат во убаите бјулбјулчиња – му рекла злобливата змија на дедо Ноја и си отишла. Со тој блаосов си излезе и змијата од гемијата и си отиде по работата со мисла па да јади бјулбјулчиња.
Ете од тој блаосов од дедо Ноја, што 'и блаосоил глушецот и змијата и ден-денеска глушецот се се криет од страм и дупки дупит по куќите, по амбарите и по сите садои кај што има за јадење. А пак змијата се си гони бјулбјулчиња, ѓоа да вати, арно ама тие сет блаосоени од деда Ноја да се пазат не само од змии ами и од се што да видат. Не можејќи змијата да вати некое бјулбјулче, ако му најди јајцата, ќе му 'и изеи, шу да касни од нив нешто. А наместо да јади бјулбјулче, од некое гранче кај што си стои и си пеи некое бјулбјулче, туку ќе 'е излези некое глувче од некое коренче, или дупче, и ќе си го зграпчи, та ќе си го голтни, и ќе си се најади, и за да се исполни блаосоот од деда Ноја.
Како што се страми глушецот од дупнуањето на гемијата од деда Ноја, така се страми и лилјако од што остана борчлија кога беше ортак со капината со алишта, кога ќе носеа да 'и продават преку море и му се удаила во морето, та остана борчлија и од страм лилјако се скри, и ден-денеска дење не излегуат.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org