Простиот човек и Св.Никола

Еден прос човек дошол во некој пазарен ден на пазар и, врвејќи покрај црква, видел во црквата врата кај се продаале икони. Мнозина купуале од иконите и му се посакало и тој да купи од иконите. Го прашал селенецо тој што 'и продаал иконите:
- Ако купам од икониве, пријателе, што вајде ќе имам?
- Големо вајде ќе имаш, пријателе - му рекол продаачот. – откоа ќе си го закоаш во еден ќош од куќата спроти сонце, ќе му палиш свеќа ката вечер и ќе се молиш на Бога секоја вечер и секое утро, да те чуат од арамии и од сите лошотии. Ете за тоа сет требни икониве, пријателе - му рекол продавачот.
Кога го чу селанецо тоа нешто од продаачот, си купил две икони - едната Света Богородица, другата Свети Никола и си отишол дома та си 'и заковал во еден ќош и немајќи свеќи да им пали, им запалил по една поленка борина.
Една вечер ќе одел селанецо на гости сосе жена и им запалил по една поленка борина многу голема и си тргнале да одат на гости, без да ја заклучат вратата на клуч. Жената му сакала да заклучуа, тој неќел чунки се ѓувендисуал на иконите да му ја вардат куќата. Видела-невидела жената му, и таа како да кандисала, и си ги остајле вратите незаклучени, та си ошле на гости. За пакос, да 'и чуе комшијата кај се дечкале маж и жена и им ја пленил ноќта куќата. Кога си дошол утрото човекот дома, гледа - куќата пленета.
- Е, бре домаќине, - му рекла жената, - коа ти велев јас да си ја заклучиме куќата, ти не ме слушаше, и се веруаше оти иконите ќе ти ја вардат куќата. Ете сега се ни се пленило!
На тоа згора грабнал една вастагарка и му се истопорил да 'и тепа и да 'и судит.
- Оти, мори Богоројце, не си ми ја вардила куќата од арамии? Туку да гледаш кај крадат и ти да си молчиш, али видело не ти остаив, али што? Да ти легнам со вастегарката сеа, да те тепам, за уште еднаш да си отвориш очите!
- Море, немат кабает бре домаќине, Богоројца, - му рекла жената му – чунки таа си има дете в раце за гледање; може да и се извалкало или понадвор може да го изнесла, е, можи да го успивала. Та од тоа нешто не 'и видела арамиите.
- Може и тоа да било, жено, - је рекол – арно, Богоројца може да имала некоја работа, како што велиш, ама старион, што работа имал, што не видел? Тој, како што је стар чоек, требало ич да не заспие и да ни варди куќата. Заошто сум му запалил една поленка борина колку што му је глаата, ат'р да не му остани, што ќе му речам. Се курдисал во столо, како некој бег и ич неќи да знаит! Слушај вамо, ти старче, еве сега нема да те тепам, до утре мувлет че ти дадм, ноќеска да му појдеш кај тие што ни 'а пленија куќата и да му 'и земиш пљачките што ни 'и зеле, да да ни 'и донесеш на местото кај што биле, оти жими таткоа душа и мајкина, ако не 'и донесеш, триста вастагарки ќе ти удрам! Вака да знајш старче, немој после да речиш вака и така оти не ми кажа. Еве кај ти кажуам од денеска.
Откоа му се изназборуа сиромаио на иконата од Свети Никола, си ја глеал работата што си имал, а тоа гајле го остаил на Свети Никола тој да му го бере.
Кога виде Свети Никола зорт од селанецо, му отишол кај арамијата што беше 'и украл пљачките, на соно и му се преставил со едно 'рѓао ножиште, та му се повалил да го сечи парчиња по парчиња, ако не однеси тоа што украл од сиромаио и да 'и клаит на местото откај што беше 'и зел. Од големио страв што видел арамијата, се разбудил на полноќ и кренал тоа што беше го украл, да му го однесол кај сиромаио. Коа се разденило, си 'и нашол сиромаио сите работи наместо.
- Еј, мори домаќинко, - је рекол, - виде оти Свети Никола ми 'и донесол пљачките што ни се украдоа?
- Видов домаќине, - му рекла - и сега поверуав, туку оди в планина да набериш некој тоар борина, да му палиме на иконата од Свети Никола за да не чуа отсеа ваму.
Отишол сиромаио в планина, набрал борина, и му палиле на Свети Никола, дури до кој знај кога.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org