Кога дедо одел на училиште

Во една мала куќичка, на крајот на селото си живееле еден дедо и една баба. Многу години ги беа навасале, па неможеле да работат како на младост. Ги стегнала таква немаштија, што крај со крај не можеле да состават. Им здодеало да гладуваат и да мрзнат. Еден ден дедото и рекол на бабата.
- Бабо, има ли крај на нашите маки?
А таа:
- Нема дедо, а знаеш ли зошто? Затоа што сме безгрижни, неписмени. Оној кој учел на младост, сега ужива!
Еден ден дедото рекол:
- Па тогаш и јас ќе одам на училиште. Оваа сиромаштија веќе не се трпи.
- Оди дедо, оди и отвори си ги очите и ушите- се согласила бабата.
Станал дедото порано, си го измил лицето, бабата му ја истресла прашината од старата облека, му ја исчешлала белата коса – сториле се она што правеле соседите, кога ги испраќале децата на училиште.
Застанал дедото пред селскиот учител:
- Добро утро, даскале! – рекол.
- Сполај ти старче! Што те води овде?
- Дојдов на училиште. Сакам да научам како се станува човек и како се збогатува. Многу сме сиромашни со мојата баба.
- Ајде, ајде, сега се сетивте за наука и училиште! – одговорил учителот.
Но старецот не сакал да си оди. Зел да го моли и да бара да остане. Наставникот не можел да се оттргне и видел не видел го оставил. И бидејќи заѕвонило ѕвончето, го внесол во училницата и го седнал во една клупа, заедно со неколку деца.
Седел дедо, мирен, тивок, гледал во црната табла, ама ништо не разбирал. Нејсе! Поминале неколкуте часови и си тргнал дедо за дома.
Оди дедо со наведната глава, се потпира на бастунчето и размислува колку е тежок ученичкиот живот. И види сега! Во прашината гледа една шарено ќесе. Се навалил, го зел во раката – било тешко, го одврзал и кога ќе види што ќе види – полно со златни дукати. Радосен се забрзал кон дома и од далеку викнал:
- Во право беше бабо! Ете, откако отидов на училиште ми дојде к'сметот. Види, најдов ќесе со златници. И почнал да го тресе ќесето. А тоа внатре пеело:"Ѕвон, ѕвон, ѕвон".
- Ех, на стари години да ни олесне! рекла бабата и плеснала со рацете.
Дедото решил дека нема повеќе да оди на училиште – нели се збогатил. Отсега ќе си седи покрај огништето и мирно ќе си пуфка со лулата.
Другиот ден, тамошниот чорбаџија, којшто ги изгубил парите, тргнал по селото, од куќа на куќа, да прашува да не пронашол некој ќесе со златници. На крај тропнал и на дедовата колиба, која била на крајот од селото. Прашал:
- Еј, старо аро! Да не најде ќесе со златници?
Дедото бил чесен човек, за лага не знаел. Одговорил:
- Најдов.
Чорбаџијата се израдувал до немај-каде. Во ќесето имал многу пари – секогаш му биле малку, па им земал на сиромашните, за да ги натрупа повеќе и повеќе.
Го фатил дедото за алиштата, го протресол и задишен извикал:
- Кажи каде...и кога го најде ќесето?
- Па кога се враќав од училиште дома...
- Уф! – Викнал алчниот богаташ, ги тргнал рацете од дедото и заминал, мрморејќи под нос: "Кога овој бил на училиште, јас уште не сум бил роден"
Си отишол чорбаџијата зелен од мака. А дедото и бабата си живееле среќно со парите, кои тој им ги земал на сиромашните.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org