Мајсторот и калфата што спечалиле многу пари со мачето во земја во која не виделе мачки

Си било едно дете главено кај еден тргоец за слуга. Му работило една година и на годината му платил тргоецот ругата што му чинело. Детето му вратило парите и само три пари си задржало и отишло покрај река, та пуштило во водата да види дали ќе пропаднат; едно пуштило, и му пропаднале. Другата година пак така сторило и треќа година не му пропаднале тие пари, и тие веќе имало за алал. Четвртата година пак останало у тргоецот да му служит.
Сторил ниет тргоецот за да одит на панаѓур. Детето му дало трите пари за да му купит нешто стока од панаир мајстор му. 'И зел тргоецот трите пари и се насмеал.
- Е, ќе ти купам една свирка за триве пари од панаѓур - рекол по кротко.
Момчето чуло тој збор и недраго му паднало.
- Мајсторе - му рекло - те молам и мене земи ме на панаир, за да ти чинам измет барем по патот.
Го примал мајстор му, и тргнале да одат на панаир. Уште невлезени в море, видело детево покрај море три деца кај тепаат едно маченце. Му се нажалило и посакало да го откинит од децата, арно ама децата не слушале негоата молба, ами сакале да го отепаат. Најпосле помолило со по една пара и го откинало и си го зело, та си ошло при мајстора си.
Влегле во гемија и си тргнале по море со гемијата да пливаат. Оделе донекаде в море, и се кренале големи талази (бура голема), та ја затерала гемијата без пат и ја отерала до некоја ада (остров), ја врзале гемијата на крајот и излегле во адата, и пречекале луѓето од адата, та зеле на вечера во некоја куќа.
Вечерта, кај што биле тргоецот и детето, надошле од селаните на муабет. Ставиле да вечераат и му дале на секого по еден стап в рака и му рекле: да се бранат оти ќе излезат многу глувци, та ќе му грабаат лебот од пред нив. Кога чу детето оти така, отиде та си го зеде мачето од дисагите и си го држало в раце готоо за кога ќе излезат глувците. Едно ставиле лебот на трпеза, и наизлегле глувци од дупките едночудо, и веднаш детето го пуштило мачето, та кога грабнало глувците да дави, спискале, трештиле на бегање, кој кај му очи - таму му глаа, полојната тукуречи издавило, и друзите се искриле по дупките.
Кога видоа селаните оти мачорчето толку му било јунак, сите се зачудија и му се молија да му го продаит детето. Кога виде тргоецот оти мачорчето на тоа место било многу требно, му рекол на луѓето:
- Е, бре луѓе, колку илјади ќе даите за да ви го даам ова мачорче, да ви сотрит сите глувци и да куртулисате од глувчои маки?
- Колку сакаш ќе ти дајме, само, аман те молиме, да ни го даиш, трговче! - му рекле селаните.
Му дадоа пари што нејќеа, и си отидоа на панаир, кај што му беше ниетот на чоекот. Колку што зеде стока мајстор му, вудве зеде калвата и се сторило голем тргоец.
Ете алал пари како се множат.
Марко Цепенков

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org