Итар Пејо и селаните риболовци

Итар Пејо и селаните риболовци

Тргнале еден ден неколку селани мариовци да одат на Црна Река да ловат риби. Ловеле што ловеле, си тргнале да си одат дома. И таман на неколку чекори од реката некој привикал: -Море селани, ние ловевме риби, влегувавме во водата, но којзнае дали не се удави некој од нас. Не правиме лошо да се преброиме.

Го одобриле сите предлогот и застанале, а предлагачот почнал да брои.

-          Еден, два, три ,четири… дотерал до осум. Ами чаре? - извикал тој. Ние тргнавме девет, а се враќаме осуммина. Значи еден од нас се удавил! -kонстатирал бројачот.

Почнале сите да бројат -осум па осум . Ниеден од нив сам не се броел и си тргнале кон селото и си заплакале. Еден се удавил денеска во Црна, ама кој е и самите не знаат. Оделе што пооделе ги сретнал Итар Пејо, ги видел уплакани и ги прашал:

-          Што така сте уплакани, бре кршиборци? Овие му раскажале дека еден се удавил денеска но не знаат кој е.

Пејо ги прашал колкумина тргнале и веднаш ја разбрал работата, но решил да ги насамари за нивната глупост:

-          Лесно ќе провериме, џанам. Ајде легнете овде на песокот и забодете ги носевите во него. Колку дупки ќе направите толкумина сте живи.

Легнале селаните, ги забоделе носевите во жешкиот песок и направиле по една дупка. Кога станале почнал Пејо да ги брои - излегле девет ! Се израдувале селаните оти никој не се удавил и му дале на Пеја од рибите да му ја платат мудрата постапка оти се нема удавено ниеден од нив.


Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org