Човекот со к`смет во шупливата цреша

Ховекот со к`смет во шупливата цреша

Еден сиромав човек го колнел и го карал к'сметот оти не му работи за да се обогати. Му се здодеало на к'сметот и му дошол на сон, та му рекол да појди во некој град и таму да си го најде к'сметот, во една шуплива цреша. Гледајќи го тоа на сон, станал сиромавиот едно утро и отишол во едно гратче, близу до градот негов. Шетајќи низ чаршија, видел пред една бакалница една шуплива цреша фрлена на земја, се наведнал и ја зел. Гледајќи го бакалот го викнал в дуќан и го прашал што најде.

- Дојди ваму бре пријателе и кажи ми што најде пред дуќанот? - му рекол бакалот.

Кога ги чул тие зборови сиромавиот, многу беше се усрамил и за да се отстрами му кажал зошто дошол во тој град.

- Ту бре - му рекол бакало - по сонови си кинисал да одиш по градовите, да го бараш к'сметот во една цреша шуплива и да се срамиш. Мене ми иди на сон и ми се кажува едно азно во едно огниште што било во една куќа наспроти една фурна и до една чешма, што имало до куќата до десната страна и пак не одам да го барам, а ти си тргнал да бараш цреша шуплива, еве ти ја црешата шуплива, ја најде и наместо к'сметот ти го најдец срамот, да се срамиш од мене. Стани ми пријателе и оди си од кај што си дошол и работи си, па к'сметот сам ќе ти дојди дома.

Откога ги слушнал тие зборови, сиромавиот се усрамил и си отишол дома.

Седејќи си сиромавиот до огниште, му дојде на ум за сонот од бакалот што му се кажувало азно во едно огниште, во една куќа што била наспроти една фурна и една чешма.

- Ја мајката, куќава моја е спроти фурна и до чешма, ја чекај да ја поткренам плочава од огништево и така не е тука жена ми, да не е овде азното што го сонувал бакалот.

Станал и ја откорнал плочата од огништето. Кога гледа - еден казан алтани. Тогаш му поверувал на својот сон оти к'сметот му бил во една шуплива цреша.

Кога дава Господ, не прашува, а и кога зема исто не прашува.


Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org