Болеста си зема збогум

БОЛЕСТА СИ ЗЕМА ЗБОГУМ

Кога била Марија осум-девет години, ја фатило буицата, и лежала болна баеги време.
Таа година по сите куќи во Битола тукуречи беше ги изредило буицата (пред петнаесет-шеснаесет години), Господ да чува.
Дури лежала снаа ми од буицата, сеедно ја гледала буицата, како на сон, како на јаве, да дури зела за напред да здравее.
Една ноќ, на права полноќ, седела в постела; како не спиела,
и туку и се јавила буицата пред неа,
како што и се јавувала сеедно,
така и тогај и се јавила;
напред и се јавувала а не зборувала,
а тогај фатила да зборува.
При друзите зборови што и ги рекла, саде неколку запаметила, еве кои:
„Е, ќерко Марие, и рекла буицата, веќе нема да ме гледаш околу тебе, јас еќе ќе си одам откај вас и тукуречи од Битолава.
Отсега вамо ќе си одам, ќерко Марие, во Магарево и Трново, тамо ќе им бидам некое време на гости.
Знаеш сега, Марие, што сакам од тебе?"
„He знам, тетко, што сакаш," и рекла Марија.
„Сакам да ми дадеш една дуња бакшиш, за дека остана ти жива."
„Еда арно е, тетко, да ти дадам дуња, ами што немам," и рекла Марија.
„Ако немаш ти, речи и на примајка ти, таа нека ми даде една дуња за по пат да ми се најде."
,,Еда и мајка ми не ќе има, тетко, туку лели сакаш толку дуња, појди кај зета и Васила; речи и на Ленка сестра ми, таа ќе ти даде една дуња, чунки таа има полни полици од дуњи."
„Арно ми кажа, Марие, тамо ќe одам и ќе и земам една од баш дуњитe, сака нејќе, ќе и земам.
" Вака беше и рекла буцата и беше не и се јавила уште еднаш на Марија а сон, како дотогај што и се јавувала.
Буицата била едно старо жениште со едни долзи косишта,
со едни големи очи како од некој вапир;
едни забишта имала како некои диклишта;
и смрдел здивот како некој пес пцојсан,
како смрди во некоја силна горештина.
Од таа вечер веќе деф беше се сторила и куртулисала сирота Марија од нејзиниот поглед и смрдеа.
Утрото станала Марија од постела и се видела како поарно со здравјето.
„Поарна си, ќерко, поарна, и рекла мајка и, ова утро."
„Поарна сум, мајко, и одговорила Марија, чунки буицата ноќеска си отиде откај нас.
Ами да ти кажам, мајко, што ми рече на сон буицата!"
Кога го чула мајка и тој збор од Марија, фатила да ја тера за да и кажува што сон видела. Почнала Марија да и кажува се со ред, како што беше и рекла таа нејзе и таа нејзе, оти ќе одела кај ќерка и Ленка да и сака дуња.
Кога го чула тоа нешто Фросина од Марија, се сплускала в раце и се уверувала оти ќерка и ќе ја фати буицата и може и да умре.
И вистина тоа така станало:
ја фатила Ленка буицата и си умрела.
Ете и тој сон, како и се изврши на Марија.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org