Баење за секаква болест

БАЕЊЕ ЗА СЕКАКВА БОЛЕСТ Бев чул за баба Мара од свет, оти била мошне марифетчија и неколку пати ја молив да ми каже за да го пишам, арно ама нејќеше да ми каже, да не и се расипе баењето, чунки жената што и кажала, со клетва ја заколнала, за на смртниот час да каже. До пет лева и таксав да ми каже и пак не ми кажа. Пред некој ден се погоди во една куќа син ми Коста, кај што му баела баба Мара на Велјана и ја отписа бајачката од прочуената баба Мара. Баба Мара била асли од Велес, сега брго дојдена во Софија, спроти нејзиното кажување. Co прво беше ја угорила кацијата на огнот и му ја навртела на главата од Велјана (од Кичевско) и ги рекла овие зборови што се пишани овде: „Си ангели на небеси, и си светци: пресветаја богородица и света Петка, прва слуга, и света Неделица, на Велјана здравје. Што си? Црвеница ли си? Али жолтица ли си? Али белица ли си? Али црница ли си? Али црвена ли си? Али жолта ли си? Али бела ли си? Али румена ли си? Али зелена ли си? Да избегаш од Велјана! Heмa у него ни јадење, ни пиење, ни лежење, ни спиење. Да се исчистиш од Велјана, да се сториш високи правови, да прошеташ рамни друмови, да си одиш во поле широко, од поле во високи планиње. Да се исчистиш од Велјана, како бистро солнце, како бистра солза, како Богородичин кладенец, и да си појдеш високи планиње, кај што деца не се крштаваат, кај што се невести не венчаваат, кај што се луѓе не миросуваат. Тамо има трева зелена, тамо има вода студена, тамо има мека постела; да се исчистиш од Велјана, како од кошута млеко, како јасна месечина, како бистра солза и како Богородичин кладенец. Да избегаш од Велјана: од раце, од нозе и прсти, од глава, од очи и уши, од снага и срце и од седумдесет и седум зглобови!" Дури ја редела таа молитва, баба Мара и кацијата ја држела жешко близу до главата од Велјана, и за првпат кога ја дорекла, му дувнала силно во главата. Втори пат ја рекла таа молитва и трети пат кога ја дорекла, пак силно дувнала во главата од Велјана. Co ова баење баба Мара лекува турли-турли болести и со првпат баење ако не му оздрави на човека болеста, втори пат пак ќе му бае. Најпосле до трипати и како со рака ќе му поминело. Кога баела баба Мара, болеста на кацијата ќе ја изнајдела каква била, чунки сама и се јавувала на кацијата; чунки кога му бајала на Велјана, и се јавила неговата болест на кацијата. „Еве ја, синко Велјане, твојата болест, му рекла, ја, на кацијава ми се јави." „Арно ти се јави, бабо, и рекол Велјан, ами што болест ми е, мори бабо?" „Црвеница ти е, синко, му рекла, ич не бери гајле, ќе ми ти оздрави веднаш, оти мене мошне ми е по рака." „Ами да нe е гревота, мори бабо, дека ми баеш?" и рекол Велјан. »Ууу, синко, како е гревота, кога моето баење и поповите го пеат!" му рекла бабата. МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org