Баење да и трае детето на некоја жена

БАЕЊЕ ДА И' ТРАЕ ДЕТЕТО НА НЕКОЈА ЖЕНА При друзи многу бабиње деветиње што ги прават жените, за да им траат децата, прават и вака: кога ќе се познае некоја жена оти е тешка, со прво ќе купи од три дуќани по едно парче железо и ќе го направи еден обрач, кај некој ковач али кај некој кантарџија (некои жени го давале на три дуќани да се направи обрачот). Обрачот ќе бидел со копци да се закопчува, и тешката жена ќе го носи опашан обрачот преку половина како колан, да дури да го роди детето. Тамам кога ќе се роди детето, обрачот ќе го сопаше жената и ќе го земе бабата в рака, та ќе га држи да падне детето низ обрачот. Ете од тоа после не умирало санким. Откога ќе го роди жената детето, на часот уште не задојано, требало да се трга со кантарче, и тоа кантарче ќе го скриела подно, за никогаш со него да не се тргало, и од тоа не умирало. Едни жени, за уште посалам да им се врзе бајачката, за да им траат децата, ќе направеле и едно сребрено синџирче, та ќе го носат на гуша дури да родат. Арно ама, види како требало да се направи сребреното синџирче: да се посака од девет жени, што да ги викаат сите Марии, по една стара пара и од тие девет стари пари испитани да се направело синџирчето: ем да се однесат деветте пари на три дуќани куменџиски, да се направи. Секој куменџија по малце да поработи на него и да се направи, а само еден куменџија не чинело и не било на приет, да го доправи синџирчето. „Ама што дека ќе го направел еден куменџија синџирчето, и реков на жената што ми кажуваше за ова и за друго нешто, и што дека тројца?" „Е што де, што? Ете тоа непндек било," ми рече. За многу работи ја прашав оваа и друзи жени: оти така прават кога да баат; ми се одговориле со зборот: „така е непендек" и толку, друго потамо не ти знаат од непендекот повеќе: по некои жени повеќе знаат да прикажуваат. Венецот од Христа, направен од трње, донесен од аџилак, бил за да трае дете. Го клаваат во вода и во таа вода го капат детето три дни на ред. Венецот, Богородичина рака, чесни крвчиња и друзи работи се лаоѓаваат у аџиите, а најповеќе у аџијките. МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org