Адам и дава име на сите створови

Адам им дава име на сите створови
Откако го создал Господ веков, го создал и човекот (Адама), ги создал и сите животинки што се по
веков и му ги принесол пред Адама да му кладе на секој име.
„Адаме, Адаме, еве ти ги принесов сите животинки штo сум ги создал на земјава, да им го кладеш на
секое името и презимето, му рекол Господ, и да си одбереш едно од животинките за другар да ти биде
тебе. Гледај сега арно, отвори си ги очите, да си бендисаш еден другар, за веков со него да си го
поживееш арно-лошо ти си знаеш. Туку отвори си ги очите, одбери се; кое те бендисува, тоа земи си
го, затоа ти принесувам толку многу животинки, да си бендисаш еден другар."
Седнал Адам на еден стол висок и зел да го прегледува секое од животинките и да ги крштава со име
и презиме. Прво фатил најмалото да го крштава и да го бендисува. Ја видел мравата оти е мала ја
крстил мравичка (од малечка). Го видел црвот дека прилегал на црево, го крстил црв. Свикал Адам на
другите животинки:
„Ја проговорете, бре животинки, им рекол, да ве чујам каков збор имате?"
Сите животинки беше проговориле, секое според гласот свој, што си го имале. Кога го чу Адам од
сите животинки гласот, според гласот им кладе иминња.
„Мњау", сторила мачката, и и клал име мачка.
Рикнало магарето, и според рикањето му клал име.
Загугала гугучката — „гугучка" и го клал името.
Заграчил гавранот: „гpa, гра", му клал име гавран.
Закукала кукавицата: „Куку, куку", ја крстил кукавица.
Запупал пупунецот: „Пу-пу, пупу", го крстил пупунец;
Зауткала утката: „Ут, ут", ја крстил утка.
Забувал бувот: „Буху, буху," го прекрстил був.
И така на сите животинки Адам беше им клал имиња и презимиња, според како што беше им го чул на
сите гласот. Сите беше ги прегледал едно по едно, за да бендиса едно да му биде другар. Арно ама
ниедно не бендисал.
Откога ја свршил работата, беше дошол Гослод кај него и беше го прашал дали ја сврши работата.
„Е, Адаме, што стори? Дали ја сврши работата што ти ја дадов?"
„Ја свршив Господи, ама не ја довршив, чунки другар не бендисав. Туку седам и се чудам, Господи,
му рекол Адам, како едно животинче не ми се залепи за срцето!"
„Ја ај легни си да преспиеш, Адаме, му рекол Господ, да кога ќе станеш, белким ќе бендисаш некој
другар или другарка."
Си легнал Адам и заспал. Зел Господ и ја направил Ева.
„Ја стани, Адаме, му рекол Господ.
Станал Адам од сонот и ја видел Ева исправена наспоред него, на неколку чекори скраја, дал вик по
неа:
„Ела, ела, ела, ваму, Ево, Ево, ела ваму, оти ти си ми за срцево".
Како на сите животинки што им кладе име Адам, така на Ева беше и клал и беше си ја зел за другарка.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org