Сончевата женидба

СОНЧЕВАТА ЖЕНИДБА
Во старо време се созборувале староверците (животните) да го оженат сонцето. Тргнале да одат кај
сонцето мало-големо, кој пеши, кој на кони, а ешко беше се вкачил на магаре. Оделе, оделе и ошле
кај сонцето. Кондисале на некое широко место и поседнале да се починат и да се понаранат себеси и
коњите и после ќе гледаат за да го женат сонцето.
Во тоа време, ежот беше си набрал еден куп камења и беше ги донесол кај што беше му било врзано
магарето за едно дрво, та му ги клал пред него, наместо сено, да јаде камење. Кога го видоа тоа
нешто животинките, на големо чудо беше станале и едно со друго си зборувале. Едни едно рекле,
друзи друго рекле, асли-ќељам, за тогај ништо за камењето не рекле од ежот, чунки тогај мунасип
правеле животинките, за кое девојче да му го дадат на сонцето за невеста.
Одбрале девојче и сите и почестиле, само ешко нe и почестил на девојката, чунки ешко камење си
збиркал и му принесувал пред магарето. Гледајќи го ешка така, како да се отстранувал од дружината,
дале вик по него да дојде кај нив.
Слушајќи ги ежот викотниците од животинките, дошол кај нив со полна кола камење.
„Што ви е викањето, бре браќа, им рекол ежот, што зорт нешто имате ја кажете ми да чујам?"
„Mope како што зорт имаме, бре ешко, му рекле животинките, зер ти не знаеш оти сонцето ќе го
жениме? И еве оваа девојка ќе му ја дадеме. Сите ние мунасип најдовме и ја удобривме и почестивме,
уште ти не си и почестил. Ете затоа те викаме. Ами зошто ти се камењето што ги береш? Зер куќи ќе
правиш што си се запрегнал толко."
„Mope не правам куќи, бре браќа, им рекол ежот, овде во туѓо место, не ми го испила чавка умот
ами камењето ги збирам, за да го учам магарето да ги јаде наместо сено, чунки вие ќе го жените
сонцето и оженувајќи се сонцето, по неколку месеци ќе му даде Господ деца, и ќе се намножат сонца
на небото, да ќе ни ја греат земјата много сонца и ќе ни изгори сета трева што има по неа. Ете
затоа збирам камење, пријатели."

Кога го чуле животинките тоа нешто од ежот, сите му го удобриле зборот и се попишманиле да го
женат сонцето. Едно чуло сонцето оти не ќе го женат, и се насрдило, та паднало в море, и веднаш се
стемнило. Кога го видоа тоа нешто животинките и ѕверовите, многу се уплашиле дека сонцето паднало
в море и се удавило.
„Ами сега, бре браќа, рекле едните на другите, што правиме ние без сонце? Тјуф бре гиди, се
зедовме на душа, олди бити, останавме без сонце, битти даваси."
„He бојте се, не бојте се, им рекол петелот, до утре рано јас ќе го кренам од море на небеси
сонцето."
„Бравос ќе ти речеме, пријателе, му рекле сите, ако го сториш тоа јунаство".
На тоа згора, петелот нашол еден стар петел, распарталавен во пердувите, со фуфулот накривнат,
со главата подведена, одртавен до немајкаде, и отишол крај море, та му се распеал на сонцето до
што го грло тече. Како ти пеал, како ти пеал, дури го подлагал сонцето и излегло од морето,
да го види зошто пее толку, и му проговорило:
„Mope што е толку пеење, бре петле, дали ти се растоварија карваните, дали ти се отелија кравите,
дали што?"
,,Од радост и веселие пеам, побратиме сонце, оти не сум се оженил како овој брат петелов што стои
до мене, да не сум одртавен како него и распартален. Ете затоа си пеам и ќе си пеам до века."
Кога ги чуло сонцето тие зборови од петелот, се позадумало малку и си рекло само со себе:
„Арно вели петелон: кој се жени, ќе се пишмани, чунки распартален ќе живее, ексик да е такво
женење."
Вака си рекло сонцето и си се качило да си грее на небеси. Кога се видоа животинките пак со
сонцето, се израдувале и на петелот му благодариле со голема благодарност и си ошле од кај си беа
дошле.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org