Нојо и магарето

НОЈО И МАГАРЕТО
Кога ја направил Нојо гемијата, удрил со теслата една штица, на сите четири страни, за да се
соберат сите животинки, за да се избават животинките од потоп. (Од тоа удирање на штицата од Ноја,
останало да се бие клепалото в црква, велат старите). Се собрале сите животинки во гемијата и
поминал потопот, спаднала водата и ги испуштил Нојо сите животинки да си одат. Секое му се
поклонувало на Нојо и „седи со здравје", му велеле. Ги испраќа Нојо животинките или ѕверовите да
си одат со здравје и на секое на име велел Нојо:
„Co здравје, арслане," му рекол на арсланот,
„со здравје", му рекол на фиљот,
„со здравје", и рекол на мечката и на волкот, на еленот и на срната.
„Co здравје", му рекол на коњот, на волот и кравата, на овцата и на други многу, многу имање.
Дошол ред да врват пред Ноја и тие животинки што не му ги знаел Нојо имињата, кладени од деда
Адама. При другите животинки поминало и магарето. Нојо не му го знаел името; како го крстил дедо
Адам и тој му рекол „со здравје, бре магаре!" Кога чуле другите животинки оти го крстил со името
магаре, брбнале сите да се смеат и да му се шегуваат на магарето и да му викаат:
„Магаре, магаре, зррр. зррр."
Кога беше ја чуло магарето шегата од другите, оти лели беше се гибнало и усрамило,
та кога ти се расплакало и разлипало, ќе го турнеше небото. Кога чуле животинките, сите прво беа
се чуделе што плаче и што липа така. Кога го виделе оти магарето било што плачеше, секое си
свртело глава по својата работа.
Плачејќи и липајќи, магарето поминало околу гемијата и дошло пред Ноја.
„Аман, бре дедо Нојо.мени ми го името од магаре барем зајак, оти ми се бијат шега светот дека ме
крсти магаре", му рекло магарето.
„Mope, aj варгеч, бре магаре, не барај зајак да бидеш, му рече Нојо, оти ќе ти пораснат ушите
големи, да уште ќе бидеш за срамота и ќе плачеш и ќе липаш, дури и ќе рикаш од жал што ќе ти биде,
дека не ќе бидеш магаре ни зајак". Бре брате, ич слуша магаре! Ја зајак да го прекрсти, ја друго
чаре не бидува!
„Е, кога не ме разбираш, му рекол Нојо, ај имај ги ушите зајачки".
Едно му го рекол тој збор Нојо на магарето, и му пораснале ушите големи. Одеј ќи си, кога го
догледаа, брате, другите оти беше му пораснале ушите талкави големи, уште повеќе беша му се
шегувале и пак магарето беа го расплакале. Ете оттогај и до ден денеска кај си плаче магарето дека
го прекрстил Нојо и го нарекол магаре. Ама колку да плаче, фајде си нема, магаре е крстено и
магаре ќе умре, битти даваси.
Ете од тоа прекрстување на магарето и сега едно да се видат две или повеќе магариња, ќе се
израсплачат од жал што им било дека имале име магарешко и уши долги.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org