Соломон в море

СОЛОМОН В MOPE
Одошто мудер и премудер беше Соломон, измислил да влезе во среде море; да види што има и што нема.
Направил едно шише многу големо, влегол внатре во шишето и го врзал за гуша со ортома,
та го пуштиле сред море измеќарите. Им нарачал, кога ќе ја помрдне ортомата Соломон од море,
тогај да го истегнат измеќарите на суво.
Кога чула сестра му од Соломона оти влегол сред море во шише, беше се уплашила многу да не се
удави и отрчала кај морето да се фрлила в море, ѓоа да го извади брата си.
„Аман, Господи, беше рекла, не удави ме дури да го најдам брата ми Соломона; стори ме риба за да
го најдам брата ми, да го извадам на суво, да после, ако сакаш, остави ме до векови вај век: в
море да седам."
За чудо големо, Господ ја сторил отполу удолу риба и ја благословил до векутума века да живее во
морето, да го бара брата и Соломона и да не може да го најде. И за вистина била жива сестра му од
Соломона, сторена на половина риба и на половина девојка. Мнозина гемиџии ја виделе и ја задреле,
прашајќи вака:
„Соломона, ако го бараш, девојко, еве го у нас в гемија, ела ако сакаш да го видиш."
Едно ќе го чуела сестра му од Соломона името Соломон и за неколку дни што ќе одела до гемијата за
да го види брата си, дури да и се здодеело, и после ќе се арнисала од гемијата.Соломон кога се
нашол сред море, на чудо беше станал кога ја гледал уредбата на рибите, кога се биеле џенг (бој).
Страшни уредби имале уредени за џенгот што го правеле.
Во морето видел Соломон водни луѓе, водни коњи и друзи чудни работи. Видел една риба голема со
прво кога влегол и застанал во дното од морето. Беше тргнала да оди рибата, три дни и три ноќи што
врвела покрај шишето од Соломона и пак крајот од рибата не го видел Соломон. А пак друзи покрај
неа риби прс и плева имало, наредени на редови и на табури, и пред секој табур по една риба
поголема ги предводувала како некој паша што ги предводува војските. Врвејќи покрај шишето
големата риба се удрила во него и го мрднала; мрднувајќи се шишето, се замрднала и ортомата горе
кај измеќарите што ја држеа и тие веднаш беше го истргале шишето со премудри Соломона горе на суво.
Се што беше видел Ссломон, им кажал на старците што биле околу него мезлич. Од тој ден ја наредил
цар Соломон војската своја по тертипот на рибите што ги видел в море. И со таква силна војска
уредена што имал цар Соломон, сите цареви ги надвивал и арач на сите им земал. Од цар Соломоновата
уредба на војската сите цареви прогледале и војските ги наредиле.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org