Богородица и жабата

БОГОРОДИЦА И ЖАБАТА
Кога умрел Ристос, Богородица седела над главата негова, плакала и го тажила. Сите жени што биле
во тој град, се дошле со свеќа и киска. Чула и жабата оти и умрел син и на Богородица, си
направила една киска цвеќе, си усукала една свека и си ја завиткала во една шамија и отишла и таа
кај Богородица со свеќа и на бајрот. Влегла в куќи, се прекрстила и му ја запалила свеќата над
главата од Риста и ја клала киската цвеќе до десното рамо. Седнала на левото колено,
ги стиснала обете раце на десното колено и ги навирила очите да плаче од жал што и идело на
тажачката од Богородица, кога тажела и ги редела маките Ристосови што ги беше видел од Евреите
кога го распнале. Сите жени го потажиле Риста и го поредиле, и секоја што си имала некој умрен
му нарачувала на Риста да му носи здраво и живо на тој век. Зела ред и жабата, и таа го потажила
Риста, и во тоа нејзино тажење си пуштила здравоживо на жабарот нејзин што и умрел тогај брго.
Кога го тажела жабата жабарот, на сите жени им идело да се смеат. Арно ама секоја се стегала и не
се смеела, чунки се срамеле од Богородица. Сирота Богородица се сеќавала оти на сите жени им идело
смеа од тажачката на жабата; арно ама немало што да и чини.
Станала жабата да си оди дома и ја фатила Богородица за рака и и рекла:
„Седи ми со здравје, сестрице Богородице, Господ гајрет да ми ти даде, нема човек што да прави
откога ќе дојде пустата смрт. Нема што да прави. Вчера мене ме нашло, што ми умре жабарот, денеска
тебе те нашло, што ти умре синот. Ете таков е овој пусти век: жив в земи не се влегува мори
сестрице Богородице".
На тие жабини зборови умрен да беше човек и пак ќе се насмееше, а неголи жив. Сите жени што седеа
околу Риста, сите под мустак се изнасмеаја и за да не ги сети (сполај и) Богородица, беше се
фатиле со десната рака за уста. Арно ама Богородица не беше дотолку будала, тики да не се сеќава;
при сета жал што ја имала и таа се насмеала на од жабата зборовите што и ги велела. На часот
сирота Богородица беше се сетила оти грешела што се насмеала.
„Оф да би уста моја црвосала што се насмеала; што гледам пред мене што се насмеав? Син за женење
закова со бруќе, спружен пред мене".
За чудо големо, веднаш беше и црвосала устата на Богородица. Колку пати што проговорила во тој
саат, толку црви беше и испаднале од устата. Да му е милост на Бога, сите црвје што беше и
испаднале од устата, од Бога беше ги блаосовил и беа се сториле буби, веднаш беа завиле кожурок.
Видување жените и беа зеле од бубите та беа си запатиле. Затоа е коприната скапа, оти е од устата
од Богородица блаосовена.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org