Езерата и стерната

ЕЗЕРАТА И СТЕРНАТА
Местото кај што е денеска Оридското езеро од старо време било поле со најубави ливаѓе.
Близу до градот Орид имало едно изворче многу длабоко и направено како бунар со капак одозгора, да
се заклопува како некоја кутија, што да нема влакно од кај да излезе нити да влезе внатре.
Градот Орид бил како некое село и, бидејќи немало во градот ни чешма ни па бунар, си лееле вода од
изворчето оридските жени; секоја жена, што ќе залеела вода од изворчето, требало убаво да го
затвори капакот. He оти за да стои чист изворот, ами еден насиет што им бил оставен на жените и на
мажите од дедо-предедо, да го затвораат изворот оти, ако не го затвораат, ќе избрзне водата и ќе
им го удави сето поле, можеби и селото.
Знаејќи го оридчани тој стар насиет, со голем мукает го отворале и го затворале изворот, чунки
сите верувале оти, ако го остават отворен капакот, ќе избрзне водата, и за вистина тоа ги нашло.
„Од што се страшиш и се плашиш, тоа ќе те најде", што рекле стари, да тоа ги нашло и комшиите наши
оридчани.Се нашла една глупава невеста што си залеала една вечер вода и од мрза, али од будалштина
нејзина, не го затворила изворот со капакот.

Штом се нашол изворот со отворен капак, и си изврел изворот од устината надвор, та си текол, текол
целата ноќ и се исполнило сето поле: станало цело блато.
Кога се обзорило, отишле жени да си леат вода и што да видат — сето поле се удавило од водата од
изворчето и не могле веќе да се приберат да си залеат од изворчето вода, ами си залеале открај.
Бараа, тражија, која беше таа жена што го остави изворчето отворено, и ја нашле која невеста била,
ама што да и направат, олди бити, тоа веќе се стори и не можело да се отстори. Од ден на ден
растела водата, растела, дури се сторило цело езеро како што го гледаме и денеска што е најголемо
езеро.
Ете како знаеле старите оридчанци оти требало да се затнува изворчето за да не извре и да не го
потопи полето. Како ангел да беше им кажувал на старите што им забранувале на младите, да го
затинаат изворчето, за да не ги удави некогаш. Ете како се прави голем јанган од една искра,
кога не се чинат луѓето мукает.
Зер само оридските старци знаат за езерото! Ами битолските старци, зер не знаат да прикажуваат за
езерото што е на планината Пелистер, оти ќе дојде саатот што ќе се пушти и Битола ќе ја удави
сосемати поле. Сите битолчани тоа нешто го знаат, и кога да си го наумат во некој муабет,
косата им се накрева од страв, за кога ќе се пушти езерцето од Пелистер.
Ами моите стари зер не се плашат од Стерна што ја правел Марко Крале под Маркови кули, и што ја
затнал водата со не знам колку арари со бубаќ и ковани со бруќе колку еден аршин големи, та ја
затнал водата и го куртулисал Прилепското поле да не стане како Оридското Езеро. При се што е
здраво затната Стерна, пак народот во Прилеп се бои, да не нешто се пушти Стерна и се удави градот
со полето.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org