Змеоец

ЗМЕОЕЦ
Село Зрзе е кај што заоѓа сонце од Прилеп.
Над селото има една планина, сета тукуречи е обрасната со див чај. На таа планина има една дупка
(врата), што се вика Змеоец. Откога ќе влезеш под земи, има да ја шеташ сета планина, само да
немаш страв и да ти се види. Малку откако ќе поодиш во Змеовата дупка, ќе најдеш два кобла од
каменот правени уште од змеот кога живеел тамо. Коблите се широки колку едно огниште и длабоки
колку пол аршин. Водата што е во коблите нито претечува нито секнува.
Колку да можеш да лееш или да блискаш едно по друго и колку ќе го запреш блискањето, и ете ти ги
коблите пак полни.
Ако поодиш од планината внатре со видело запалено, ќе видиш друга земја, под земи ширина голема, и
ќе чуеш едно бучење од голема река. За реката ете како веруваат селаните и ако појде човек да види
со очи, ќе поверува оти е така. Над селото Зрзе има едно село што се вика Крапа. Крапа е на многу
повисоко место од Зрзеската планина. Од селото Крапа тече една река преку поле. Полето Крапско е
заградено сето со планиње и реката, што тече в поле, некогаш се збирала и сето поле било езеро. Од
многу години пробила една дупка реката на едно место и сега се спушта во земјата, та врви низ
Зрзеската шуплива планина и извира долу близу до полето зрзеско. Селаните Крапјани ако не одат
ката година да ја пречистуваат дупката кај што се спушта реката, може пак да се затне и да ги
потопи.
Да си дојдеме за Змеоец од Зрзеската планина. Во Змеоец веруваат старите оти имало некогаш еден
змев што живеал таму. На ден Велигден си играле чупи в сред село Зрзе и една чупа најлична го
водела танецот. Од ведрина се задале едни виулици и ја кренале чупата на вишно небо. Спискала
мајка и (една у мајка била):
„Бре што се стори, кај појде, кој ја грабна, дали ветроштињето, дали самовилите?"
Таа еднашка ја снемало.По две години време отишла мајка и на личната чупа на планина за да збира
билки чемерики. Одејќи, шетајќи, дошла кај Змеоец и си рекла со умот за да влезе внатре и да види
да не нешто е ќерка и тамо. Едно влегла внатре и еве ти ја ќерка и кај си го успива машкото дете.
„Мори, дали овде си ми се скрила, под земи, мила ќерко моја, ами што е дете што успиваш уште
немажена?" и рекла плачејќи мајка и. Молчи, мајче, не викај многу, да не го разбудиш змеот оти
сега бргу заспал, за да не те изеде нешто".
Излегоа од Змеоец надвор и се избакнале, се испоприкажале и на одење и рекла мајка и да го праша
змеот одошто му била умирачката.Една вечер го прашала одошто му е умирачката и змеот и кажал оти
уморен кога да си дојдел од облаци, да испиел еден кобел солена вода, на часот умирал.
По некој ден дошла мајка и и, откога се научила од ќерка и донесла сол и го отрула змеот. Си ја
зеде ќерка си жената и си дошла дома.Го гледала детето и го сторила момче, та си го оженила
момчето, змевче било и крилја си имало под мишки.
Откога се оженило змевчето, по некоја година си ошло на жниење со невестата си. Во жниењего згора
се расипало времето и дошло на врнење. Во тоа време момчето легнало да спие и жената му многу му
додевала да го разбуди за да не се истопи. Арно ама, змевчето тапани над глава да му чукаат, тој
тогај не слушал.
Откога поминала росата, се разбудило и станало; арно ама жива вода сторено. Го прашала невестата
му, оти толку се истопи во спиењето. Тоа нејќело да и каже. Арно туку жена, кога ќе стори инат,
да те чува Господ; како црвец во дрво ќе те јаде. И така му се запнала на змевчето ја да и каже
што се истопил толку многу, кога таа не била ич натопена, ја в невола ќе го фрли.
Видело не видело змевчето, и кажало. Еве одошто се истопило. Тоа бидејќи змевче видело оти ќе врне
силен град и ќе им го столче бериќетот во полето. Летнало по облаци и ги завртело облаците в
планина за тамо да го истурат градот. Кога чу жената му на змевчето оти можел тој да лета,
му се запнала за да му ги види крилјата. Од голема стега од неа, виде не виде, и ги кажа крилјата.
Таа си кажала на мајка си, оти имало момчето и крилја и можело да лета по облаци за да го враќа
градот.
„Чуј, ќерко, и рекла мајка и, прави што правиш, ја пресечи му ги крилјата, ја одгори му ги, оти
нели лета по облаци, некогаш не ќе се врати".
Ја послушала мајка си од змевчето невестата и една ноќ му ги пресекла крилјата со ножици. Од тој
саат веќе змевчето не можело да лета по облаци за да го враќа градот. Прикажуваат стари оти во тоа
време понабрго врнело, и град ич не заврнувало, a сега наскраја врне и без дури не удри град не
било чаре, чунки змеовите се сотреле. Во сегашно време се мачат селаните да го одбијат градот да
не врне, за да не им го тепа бериќетот, со држење Величетвртоци и други Минови празници.
Прикажуваат стари оти и ден денеска имало од сојот од змевчето, ама крилја немале, само колку два
прста опашка, и мошне биле јунаци во борење и друго.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org