Кораб-Планина, Крчин, Бистрра, Шар и Песја

КОРАБ-ПЛАНИНА, КРЧИН, БИСТРА, ШАР И ПЕСЈАК
За овие планиње еве што велат дебраните и поречаните. Некогаш тамо било море, чунки на Кораб-
Планина на врвот имало закачено алки големи што биле, и ден денеска уште тамо се гледале, ама не
се досигале, оти било многу високо. За тие алки велат оти биле за да ги врзуваат корабите во тоа
време. Дедо Ное, кога се сторило потоп, дошол со коработ во тие планиње и со прво поминал коработ
преку Песјак-Планина; врвејќи преку трите нејзини врвови камени, како кубиња од црква, ја грабнале
гемијата одоздола и го уплашиле деда Ноја многу. Тогај рекол дедо Ное:
„Их Песјак-Планино, ќе ми го дупнеше коработ". Оттука поминал преку Шар-Планина, ја видел дедо Ное
прошарена од водата и и го клал името „Шар-Планина". Од преку Шар-Планина поминал преку Бистра,
неа ја видел избистрена од водата и и го дал името „Бистра". Од Бистра дошол на Крчин-Планина;
тука скрцкал коработ и му се дало името „Крчин-Планина". Од Крчин-Планина дошол коработ на Кораб-
Планина и тука останал дури се искршил. Ден денеска се наоѓавало на Кораб-Планина бруќе и дрвја од
коработ Ноев и друзи морски останувачки, како полжави и праушки.
Над село Крпоница, на врв планина има едно езеро, се прикажува за него оти некогаш си пасело едно
стадо говеда околу езерото и еден јунец, трчајќи по една крава, пропаднал во вирот и по некој ден
излегол во Дринот.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org