Планината Дур-даа

ПЛАНИНАТА ДУР-ДАА
My текнало еднаш на турскиот цар и издал една заповест во својата држава, на секоја страна да
зборуваат сите рисјани турски. Кој не ќе зборува турски, јазикот ќе му то пресечел. Бидејќи царска
заповест, секој се мачел да зборува турски. Мало големо — сите се училе да зборуваат турски и во
неколку години, сите беа се научиле турски да зборуваат. Дома, в чаршија, и дури по црквите фатиле
да си пеат по турскиот јазик. Откога се научил царот оти сите тие рисјани се турски зборуваат, му
се родила една мисла за да ги потурчи тие рисјани.
Еден ден го викнал патрикот на тие рисјани и го теклифил, прво тој да се потурчи, и после сите
рисјани по него да се потурчат. Кога беше ги чул тие зборови патрикот, многу се оскорбил и се
уплашил за тоа нешто, арно ама патрикот бил многу набожен, тики никако не му кандисал да се турчи.
На тоа згора царот му рекол еден збор на патрикот многу тежок, што не било возможно, тоа што сакал
царот да може да го стори патрикот.
„Слушај вамо, патрик ефенди, му рекол царот, ти мене зборот на земи ми го фрли, иља ќе се турчиш
сосе сиот твој милет, ја сите под сабја ќе поминете. Може да не се потурчите, ама едно нешто ако
можете да го сторите што ќе ви речам јас. Тоа нешто е од Инџили-шериф што го пишува азрети Исаа,
во фиљан место, кај што пишува вака:
„Ако би имале вера колку синапово зрно, да и речете на таа планина кинисај, и таа ќе киниса да оди.
Еве три дни мувлет ти давам, патрик ефенди, да ги собереш големите рисјани и да направите една
лонџа; ако можете планината да ја проодите што е онде каршија, ќе ве простам; ама ако не можете да
ја проодите, или ќе се турчите, или под сабја ќе поминете".
Кога ги чул тие зборови патрикот, косата му се паткренала од стравови. Станал и му се поклонил на
царот, та си ошол на патрикаана и пратил по сите старци и големци, за да дојдат кај него, да им ги
каже тие црни абери. He би час, дошле сите старци и им го отворил зборот што му го рекол царот.
Кога ги чуле старците тие зборови од патрикот, на ум сите беа станале. Мислиле, есапиле, како да
прават, никако умот не им фаќал. Најпосле патрикот им рекол да се молат Богу три дни и три ноќи, и
ако сака Господ, може да ги послуша, чунки што е човеку невозможно, Богу е возможно. Откога беше
се дало тој карар од патрикот и од старешината се испратило абер по сите места кај што имало
рисјани, да се молат Богу три дни и три ноќи и никој ништо да не касне, нити имањето што го имале
да не им дадат да јадат и да пијат.Кога го зеле тој абер рисјаните, сите се собрале по црквите,
мало големо, и паднале на молба на Господа, за да киниса планината и да куртулисаат, за да не се
потурчат. Се собрале и во градот кај што седел патрикот и царот, и влегле в црква, да се молиле
цел ден и ноќ без да јадат нешто и да пијат. Излегоа првиот ден и и се молија на планината да
киниса, арно ама абер немала планината од тоа што се молеле тие рисјани и ни баре се помрднала од
местото. Вториот ден пак се молиле и пак бош беше им излегла молбата. Останало уште еден ден, и
веќе ја да киниса планината, ја да се турчат. Како што се молел патрикот на Свети Престол,
беше завенал малку и му се јавил ангел божи, па му рекол:
„Нема да ви прооди планината дури не го викнете фиљан крпач, да се помоли и тој со сите рисјани
што ќе бидете тамо пред планината."
Кога го виде патрикот тоа видение, се израдува оти Господ му ја чул молитвата и пожалал да не ги
остави да се потурчат. На часот беше распратил луѓе за да го бараат крпачот и да го донесат.
Крпачот бил светија и бил со едно око, чунки окото беше си го извадил сам некогаш кога му дошла
некоја нечесна жена да го искусува, за да го согреши. Еве како било тоа искусување од жената. Таа
дошла ѓоа да и направи едно рало чевли и му ја покажала ногата дури до колено, за да и ја види и
да и земе мера, арно ама крпачот при се што била жената бесчесна, тој не беше и се отказал да и
направи, ама и рекол да стапи со ногата во пепелта што ја имал потурена на едната страна, да отаде
ќе си земел мера и ќе и направел чевли. Арно ама жената, бидејќи нечесна и сакајќи да го согреши,
чунки и било јад нејзе оти тој да е праведен а таа да е грешна, ја ако е таа грешна, ама и крпачот
требало да биде грешен како неа, та затоа беше му се запнала за да го согреши. Тој и рекол да
стапи на пепелта и да си оди, да тој ќе и земел мера по стапалката и ќе и направел едно рало чевли,
арно ама таа се правела како да не го слуша и туку му ја пикала ногата пред очи. При се што имаше
крпачот пред очите перде пуштено, не знам како беше згрешил и беше ја видел ногата со десното око,
и веднаш беше му дошло искусување во срцето.
„Ах, проклети сатано, беше рекол, ти ли мене ќе ме согрешиш, подобро да бидам со едно око и да сум
во рај, одошто со две очи и во вечна!"
Така беше рекол и си го извадил окото со шилото. Кога го чула и видела бесчесната жена тоа нешто,
да си го извади окото крпачот дека и ја видел ногата, и за голем грев му било, што останало за неа,
што правела најгнасни и најсрамни гревови. Од тој саат и таа беше се покајала.
Ете од тој себеп бил крпачот со едно око и светец.
Пратените луѓе од патрикот, за да го бараат крпачот,
вамо-тамо беа барале низ градот и беа го нашле во една визба кај што си крпел. Кога чул крпачот
зошто го викаат, му дошло како за некое искусување од ѓаволот, арно ама, сакал нејќел, требало да
оди кај патрикот. Отипшол кај патрикот в црква, кај што беа собрани целиот народ, и едно го видел
патрикот крпачот, му се поклонил како на светија. Кога ја видел крпачот таа чест што му се празела
од патрикот, се усрамил и тој фатил да му се поклонува нему. Тогај патрикот му ја раскажал сета
работа од царот што сакал или планината да прооди или да се турчат или да ги губи сите царот.
Откога ја сториле последната молитва заедно со крпачот во црквата и излегоа од црква надвор со
сите црковни литии и крстови, серафими и бајраци. Викале мало големо
„Господи помилуј" и отишле близу пред планината. Царот со пашите и со многу аскер беше излегол да
гледа сеир, и ја да се турчат, ја сите тамо да ги исече, чунки не верувал планина некогаш да
киниса, што не било да биде. Арно ама царот не го знаел зборот што го вели Ристос, оти:
„Што не е на луѓето возможно на Бога е возможно."
Едно беа дошле до планината рисјаните, и го натерал патрикот крпачот да и рече на планината да
киниса. Крпачот му се молил на патрикот да не го наречува за светија, чунки тој се знаел за
најгрешен. Најпосле и заповедал крпачот на планината да прооди, и за чудо големо!,
туку беше ти се одвоила од една друга планина зад неа и ти кинисала да оди! Тие оди за во градот,
и планината оди чинела по нив. Кога го виде царот тоа големо чудо, го молил патрикот да и рече на
планината да застане, за да не влезе во градот и да го потисне. На часот патрикот му рекол на
крпачот, и крпачот и рекол на планината по турски:
„Дур-дааа!"
За големо чудо и приказна, веднаш беше застанала планината на местото. И останало името на таа
планина да се вика до ден денеска „Дур-дааа."

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org