Раштански смок

РАШТАНСКИОТ СМОК
Село Раштани паѓа од кај што огрева сонце до Битола, далеку околу дваесет декики. Во старо време
селото Раштани било со шеесет куќи, а пак сега е со девет куќи. Роди се, плоди се, селаните не
можат да ги направат куќите десет или повеќе; девет си се од многу време и пак девет си се, не
било чаре да се намножат, чунки селото Раштани кога било шеесет куќи, пошол некој владика во
селото, и селаните, остај што не го пречекале, ами го бесчестиле и го истерале од село надвор.
Ете од тој себеп и од таа година фатило да се куси селото, дури дошло до девет куќи. Зер ги колнал
владиката тогај, спроти како што велат стари луѓе; и селани и битолчани така велат.
Друго се прикажува за селото Раштани: пред седум-осумдесет години имало еден голем смок, колку
едно арно теле големо; главата му била како од некој сом. По главата и по снагата имал обрасната
козина, како од некој бивол ретка. Тој страшен смок се шетал низ раштанските лозја и места.
Секој селанец, макар и граѓанец ако имало в село, ќе го гледал кај се рашетувал и кај што се
исправал, та си свирел.
Никој човек не го задевал, ни па смокот задевал човека.
Близу стоипедесет години бил жив тој страшен смок, според прикажувачката од старците. Татко му на
некого му кажувал, па на татка му дедо му, на дедо му предедо му, и со тие прикажувачки го знаеле
смокот оти бил толку стар. Легалото му било кај реката во некои камчишта на смокот.
Раштанци освен што не го задеваа, ами и веруваа оти тој смок му бил стопанот на селото и на сиот
синор раштански, чунки смокот не одел од раштанскиот синор на друг; одел кај одел, се во нивниот
скнор се врткал и многупати се спружувал спроти сонце да лежи оптегнат како некој крап, без да се
бои од човек. Демек како некој домаќин.
За раштанскиот смок битолчаните си имаат една пословица вака:
„Си се оптегнал како раштанскиот смок," му велат на некој мрзлив што само лежи и се оптега.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org