Невеста кртица

НЕВЕСТА КРТИЦА
Еден човек сакал да земе за сина си невеста од најголем човек. Се прашал до некого и тој, кога
беше му го чул зборот будалски, за на смеа беше му рекол:
„Пријателе мој, лели си сакал снаа да земеш од најголем човек, да земеш од сонцето, чунки од него
нема поголемо".
Кога го чул тој збор од човекот, го поверувал и си обул едни железни опинци, со едно стапче
железно, та ти отишол кај сонцето:
„Доброутро, сонце, му рекол, што чиниш, како си?"
„Дал ти Господ добро, пријателе, сполај Богу сме; ами вие како сте?" и го отурдиса и го запраша:
„Mope, што си се мачил, бре пријателе, олкав пат далечен што си одел, за да дојдеш до мене?"
„Сум се мачил, златно сонце, за со тебе да се сосватам, ако рекол Господ, чунки јас имам еден син,
тики сакам да го женам од најголем човек, да ми рекоа оти од тебе немало поголем; ако е кабил, ај
дај ми една ќерка."
„Оф море душко, арно, би ти дал една ќерка, туку јас не сум најголем на веков; од мене има
поголеми, а тие се облаците, чунки кога да се распнат еднипати пред мене, јас колку силно греам и
не можам да ги пробијам, да оди кај нив и од нив земи," му рекло сонцето.
„Сполај ти, златно сонце, што ми кажа. Кога така, јас ќе им одам кај облаците." Отишол кај
облаците:
„Доброутро, облаци, што чините, како сте, здраво живо?"
„Арно сме, сполај Богу, да речеме; ами ти како си? Mope, што си се мачил, бре човече довде?"
„Што сум се мачил, бре облаци, за аирлија ишала ќе биде; јас барам со голем човек, некој што е, да
се сосватам. Ми рекоа луѓе оти најголемо е сонцето, а пак сонцето ме прати кај вас."
„Mope арно, бре братко, сполај ти за честа што ни ја правиш, туку и од нас има поголем: ете го
ветров, кога да дувне, не ќе се видиме кој кај ќе фатиме! Да од тоа тамо да појдеш."
„Е, сполај ти, братко," им рекол; станал човекот и пошол кај ветрот.
„Доброутро, ветре."
„Дал ти Бог добро, човече. Што има нешто аир абер?"
„Ишала аирлија ке биде. Облаците ме пуштија кај тебе, за да ми дадете една ќерка за сина ми,
чунки јас барам најголем човек, за да се сосватам," му рекол.
„Лели бараш, човече, најголем, јас не сум; најголем е старана планина, чунки сеедно дувам и не
можам да ја помрднам, да појди кај неа и сосвати се."
Пошол кај стара планина и и посакал една ќерка за снаа. Планината му рекла оти од неа имало
поголеми; тие биле кртовите што ја дупат стара планина.Слегол долу кај кртовите и им рекол:
„Доброутро, кртови, што чините, што правите?"
„Дал ти Бог добро, човече, повели седни. Што има, што нема, кажуј?"
Зафатил да им кажува се по ред, откај сонцего да до нив дури дошол:
„Да ви кажам, бре кртови. Јас сакав да земам невеста од најголем човек и ме пратија кај сонцето,
сонцето ме прати кај облаците, облаците кај ветрот, ветрот кај стара планина, и стара планина кај
вас, чунки од вас немало поголеми, да ако е касмет, ќе ми дадете една девојка за невеста на сина
ми."
„Оо, тамам, ти еднаш ако не дексаш нас, ние ќе те дексаме двапати. Ем право ти кажала старава
планина за нас, оти од нас поголеми нема, чунки ја дупиме открај вкрај и нема што да ни стори.
Да кога така, повели, свату, дома и ишала аирлија ќе биде, оти човек што ќе бара, тоа ќе си најде."
Влезе во куќата од кртовите и го честија многу. Најпосле туку му дотераа кртички моми, за да си
земе која сака:
„Де, свату, добре ни дошол, повели одбери си која мома сакаш," му рекоа кртовите.Фатил една кртица
в рака и ја погледал во лицето дали е лична; кога гледа — слепа; фати втора, треќа, четврта — сите
слепи.
„Mope свату, што толку ги одбираш момите? Ами лели знаеш, оти кој пребира тој забира. Ја фати си
една која да е и ич не страши се за да биде оката, која да фатиш, од слепа послепа е."
Видел не видел, си фатил една слепа кртица и му ја однесол на сина си за невеста. Кој бара рогови,
ќе загуби и уши.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org