Зелник без брашно

ЗЕЛНИК БЕЗ БРАШНО
Една жена си имала едно дете од седум-осум години.
„Ах бре чедо, да имав троа брашно и маст, му рекла, тики да направев еден зелник со едни витки
големи, така толкави, да си ручавме, та после ќе се скиневме вода пиејќи".
Детето и се пулело на мајка си право в уста, тики му се чинело оти навистина зелник ќе му месела и
и рекло:
„Еда, мори мајко, кога ќе го месиш, тики кога ќе скршам од витката така толкав комад, за да си
јадам везден."
„Како бидува да скршиш толкав голем комат бре никаквику, бре ненаситнику, ами помалку се крши, бре
ненаситнику еден!" и му врза една шлаканица по уста силно.
Кога го доболело детето и се расплакало, куќата ја кревало. Чул татко му од бавча, кај што
работел, дотрчал да види што плаче детето.
„Што плаче, мори, детето, кој ми го тепа?"
„Ами ако плаче, нека седи мадру, нека не крши витка голема, за да не го тепам."
My раскажала за зелникот како сaкала да го меси со ред и зошто го тепала. Co лутина тој и свикал
нејзе:
„Зошто не ми го оставаш детето, мори, да ми јаде витка колку што ми сака и да ми расте? Еве сега
татка ти ќе си го најдеш ја, чекај да видиш, магарице една!" Та кога зеде еден стап, тики ја
грабнал жена си да ја тепа. Спискала жената, целото маало го собрала.
„Mope стој, човече, да видиме што ти стори жената, што ја тепаш?" му рекле маалците. Еле се разбра
и ја остави. Раскажала жената за сета работа за зелникот и откога чуле маалците, беа им рекле на
шега:
„Еее, нероден Петко, капа му купиле."

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org