Од камчиња манџа

ОД КАМЧИЊА МАНЏА
Отишол еден спаија во некое село и кондисал во една куќа на конак.
Домаќинот со сите куќни луѓе отишол в поле на работа, а дома беше оставиле една баба за да ја
варди куќата.
Времето било за ручек, та посакал спаијата од бабата ручек.
My ставила бабата 'ржана погача и сол-пипер.
„Повели, спаијо леб и сол, што ни дал Господ; ако беа невестите овде, може да ти направеа и нешто
ручек, ама за некасмет отидоа на работа," му рекла.
„Оф мори бабо, мори мајче, ами кога има 'ржан лебец, не берам гајле јас за манџа, и кога има
камчиња белутрачиња: од нив јас можам да направам една манџа што прстите да си ги изедеш од
сладина!
Ја појди еден час понадвор, та собери троа камчиња белутрачиња колку еден грст и измиј ги со
неколку води, за да се очистат убаво, после клај во една тава троа вода да зоврие и гледај сеир
што манџа јас ќе ти направам, прстите да си ги изедеш."
Кога го чула сирота баба од спаијата тој збор, отрчала и набрала камчиња, запалила огон и ја
натерал бабата да донесе троа маст и троа брашно, без никаква џефа, чунки ќе се научи баба од
камчиња да прави манџа.
Опржил спаијата една каша и ги турил камчињата внатре, се повариле малку со кашата и ја клал
тавата на трпеза за да ручаат, а бабата туку се чуди како ќе бидат камчињата и како ќе се јадат.
И' викнал на бабата спаијата за и таа да руча манџа од камчиња, и со голем ќеф баба седнала да
јаде.
Зафатил спаијата да мака од кашата и негде-годе си вадел по некое камче, излижи го чинел и остај
го на трпеза.
Извадила баба и таа едно камче, фатила да го џвака, џвакала џвакала, ништо живо не можела да го
соџвака, и таа го оставила на трпеза и му рекла на спаијата:
„О-о-о-ф море кутри спаијо, дали вака ќе направеше од камчиња манџа,
ами за каша кој не знае да направи, камчињата ги кладе колку за урвокос а не оти за да се јадат,
за колку да ми сториш мене пакост, за да си го скршам забот.
Ете тој марифет имала манџата твоја со камчиња што ја направи, за дека пусти еден заб имам и тој
да го немам, тој марифет ја научи пустата баба твоја.
И друго си ја поарчив мавцата што ќе ја јадевме сета куќа, ете тој марифет го научив, спаијо море,"
му рекла бабата налутена.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org