Крадачка од терезија

КРАДАЧКА ОД ТЕРЗИЈА
Некое време си имало еден терзија.
На секој човек што да му скроел некое алиште, се ќе му украдел по едно парче од тоа што да му
скроел.
Една ноќ, на сонот му се јавила една уруглица и на неа изврзано се што беше искрал до тој час, и
како ангел божи да му рече:
„Еј терзијо, терзијо, ја гледаш таа уруглица?
Се што виси на неа ти си го украл од светот.
И еве вака на тој век, кога Господ ќе ги суди луѓето, пред тебе ќе биде преставен бајракот, за да
си видиш се што си украл и тоа ќе те пресуди и ќе те усрами пред сите луѓе што ќе бидат на судот;
туку ако сакаш да се не усрамиш, арнисај се отсега вамо."
Кога се разбуди сиромав терзија, многу уплашен, и им кажа на калфите за се што беше му се рекло.
И им рече на калфите, за оттогај напред, кога ќе крои некое алиште, ако фати да краде — чунки
раката му беше учена — да му наумат за бајракот, за да не краде; оти откога го виде сонот, стори
ниет да се покае.
Дошло денот за да крои нешто од скап кумаш и фатил да си остава некое ендезе за себе. Калфите
гледале оти пак мајсторот фати да краде, и фатиле да му наумуваат и да му велат:
„Мајсторе, бајракот"!
Тој се чини ѓоа не слуша.
Пак му повторија: „Мајсторе, бајракот! Мајсторе, бајракот"!
Четврти пат му свикале арно:
„Мајсторе, уруглицата од ангелот!"
Toј се преправаше како да не слуша и тоа што стори ниет од кумашот го украде и си биде. Откога си
отиде муштертајата, му велат калфите:
„Оти, мајсторе, пак украде?
Нели ти наумивме за бајракот како што беше ни нарачал?"
Тој им рече:
„Е бре калфи, кај јунчето и јажето.
Уште од овој кумаш немаше обесено на бајракот, да отсега вамо, белким ќе се покајам; вие кога ќe
ме гледате другош да земам од другега, ви се молам само наумете ми за бајракот, да ишала, ако ми
продолжи Господ живот, може да се арнисам.
Еве, вака да знаете," им рече терзијата и пак си крадеше.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org