Пари во самарот

ПАРИ BO CAMAPOT
Двајца самарџии си биле ортаци; едниот бил женет а другиот беќар, и името му било на беќарот Петко.
Петко што пара ќе си добиел, сите си ги криел во една стела од еден ветов самар што го чувал на
греди, без да знае ортак му.
Дошло редот, отишол Петко на пат.
Во тие дни дошол еден кираџија на дуќанот од Петка, за да купува еден самар.
Одбирале, одбирале од самарите нови, ни еден не му се факал на коњот.
Го видел кираџијата ветвиот самар, што бил на греди со парите од Петка, и го симнал, та за пакост
тамам му дошол на коњот.
My нарачал кираџијата на ортакот му на Петка да му направи еден самар токмо колку него и кога ќе
се врател од Серез, ќе му го оставел ветвиот и ќе си го земел новиот што ќе му го направел.
По некој ден си дошол мајсторот Петко од пат и кога се опулил на греди, го нема самарот. „Леле јас
сиромав, рекол, ме изеде змија, отидоа паричките што сум си ги брал толку години, како раната што
го збира гнојот."
Седнал да работи и фатил да си вели:
„Кога оди — оди; кога оди — оди."
Го прашал ортака си за самарот, што го сторил, и тој му кажал како сторил; арно ама на Петко му
истинало срцето и немал ниет уште еднаш да си ги види парите со очи.
Една недела, две, само си работел Петко и си пеел:
„Кога оди — оди, кога оди — оди."
На двете недели дошол кираџијата и го оставил ветвиот самар и си го зел новиот.
Го зел мајстор Петко ветвиот самар и го клал зад рафт, посигнал во сламата и ете му ги парите беше
му стоеле.
Седнал да работи и фати да пее друга песна вака:
„Кога иде —иде; кога иде — иде."
Co тие два збора од Петка и ден денеска луѓето си се разговараат; кога да спечалат пари, ќе речат:
кога иде — иде; кога да зијанат: кога оди — оди.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org