Солта

СОЛТА
Во една селска куќа шиел еден терзија во зимно време крај огон. Во таа куќа имало шест-седум жени.
Беа клале еден грнец грав да се вари, и откога привстасал да се вади од огнот, потребно било да се
тури сол во гравот.Дошла една од невестите, турила една рака сол. По малку време дошла друга, и
таа турила една рака сол.

И така сите седум туриле по една рака сол без да се прашаат една со друга дали туриле сол.
Кога виде терзијата оти ред немало во таа куќа станал од кај што седеше и зел една рака сол, та и
тој турил во гравот.

Ставиле да ручаат и едно сркнал од гравот стариот што бил во куќата, сетил оти сите жени туриле во
гравот сол и почнал да им се смее на жените и да им вели со смеа:
„Мори жени, мори домаќинки, јас како го гледам гравот непара досолен: уште терзијава сол не турил
во него."
„И јас турив, чорбаџи, и јас, рекол терзијата, кога видов оти сите жени турија, чунки чинев да не
таков адет имате во вашата куќа."
Кога го чуја и видоа тоа нешто жените, умреа од срамота, најповеќе од терзијата, дека ќе ги
прикажува по селата.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org