Царската ќерка co барабанот

Царската ќерка co барабанот
Една царска ќерка стори ниет да се мажи за какво и да е момче, само да може да се скрие некаде, и
царева ќерка ќе го бие тремпетето дома и ќе го барала кај било скриено:
ако го најдела, ќе го загубела, а пак ако не го најдела, ќе го земела за маж.
Тоа нешто беше се расчуло по целото царство и оделе многу момчиња, и никое не можело да се скрие
за да го ненајде, ами секое го наоѓала и после га загубувала.

Некое момче од далечна страна тргнало да оди кај царевата ќерка за да и се скрие; одејќи дошло на
една пустелија покрај море и видело една риба голема,
еден орел, еден волк и една лисица,
кај туку се карале на една глава од некоја мрша.
Едно го видоа тие момчето, и беа рекле:
„Ха, еве едно момче, нека ни ја раздели главата, за да не се караме веќе".

Зело момчето и им ја разделило главата на секого по токмо.
Кога видела рибата оти добрина им сторило момчето, извадила една лушпа и му дала на момчето:
„На ти јa оваа лушпа, момче, му рекла, и ако ти дојде некогаш некоја голема невола за да ти
потребам нешто, дојди овде и нагори ја лушпата на трат запален, и јас веднаш ќе ти излезам за да
ти поможам".
Извадил и орелот едно перце, волкот и лисицата по едно влакно, и тие му ги дале и му рекле како
што беше му рекла рибата.

„Седете со здравје", им рекло момчето и пошло при царева ќерка и ја прашало да ли сака да се крие.
„Ејди момче де, му рекла царева ќерка, да што ти се скусиле и тебе дните, што си дошло од толку
далечно место за да ми се криеш мене;
ејди момче, во волов рог да се скриеш и пак ќе те најдам јас;
ај лели сакаш оди и криј се".
Co прво отишло момчето кај рибата, запалило трат и ја нагорило лушпата.
Штом и мириснало на рибата лушпата и излегла на крајот.
„Што дојде бре момче?" го прашала рибата.
„Дојдов за да ме скриеш, мори посестримо,
оти сум се обложил со царева ќерка за да се скријам и таа ќе ме бара биејќи тремпете, ако ме најде
ќе ме загуби, а пак ако не ме најде, ќе ја земам за невеста".

„Ела, момче, влези в уста да те скријам", му рекла и го голтнала та влегла во длабината морска и
ги нашла тамо рибата трите и ќерки нејзини.
„Зини, мори ќерко, да влезам во тебе, да скриеме едно момче, зини и ти, ќерко, и рекла и на
другата, за да влезе сестра ти со мене во тебе, да скриеме едно момче пријател наш." Така и рекла
и на треќата.
И така влегле риба во риба и се сториле четири риби наедно и среде — момчето во длабината морска.

Станала рано наутрина царева ќерка и го зела тремпетето за да го бара момчето кај се скрило, го
удрила тремпетето, со прво го побарала по земјава, не можела да го најде,
пак го удрила тремпетето, по облаци барала, барала, и тамо не го нашла, се опулила в море и тамо
го нашла во рибите.
„Бре, што беше oвa криење, бре татко, на ова момче, досега еве толку момчиња кај се кријат, ама
вакво криење досега не ми се скрило како ова што влегло всреде во четири риби!"

Го изблуле рибите и и дошло на царева керка.
„Е девојко, ме најде кај бев?" и рекло момчето.
„Те најдов, момче, му рекла царева ќерка,
не беше во четири риби внатре дури сред море?"
„Е тамо бев, девојко, туку ќе одам уште и на неколку места да се кријам."

Отишло кај орелот, го жегнало перото, и му встасал орелот веднаш.
„Што ме бараш, бре момче? го прашал орелот.
Тоа му кажало како што и кажало на рибата.
Го кренал орелот на плеќи и го извишил вишно небо.

Другото утро го удрила царева ќерка тремпетето и го побарала в море, не го нашла, а кога го барала
по облаци вишно небо, го нашла на орелот згора.
И за тоа беше му кажала на татка и и беа се чудиле на неговото криење.
„Бре, да видел Господ, бре татко, кај се скрило момчево што го барам, дури вишно небо, вкачено на
еден орел!" му рекла ка татка и.
„Туф мори ќерко, и рекол татко и, бравос на неговиот ербаплак, нејќам лакрдии, гревота е таков
јунак да го загубиме.
Туку ај да видиме до кај ќе ја истера."

Го симнал орелот на земи и откога си рекле збогум си отишло кај царева ќерка та и се преставило
пред неа.
„Е царева ќерко, и рекло, ме најде кај бев скриен, али не ме најде?"
Оф бре момче, што те жалам дека ќе загинеш младо и зелено,
и треба да знаеш оти во волов рог да влезеш и да се скриеш, пак јас ќе те најдам.
Туку ај изим ќе ти дадам да се криеш до колку сакаш ти, болаки да те не најдам.
Остај оти ќе те најдам, туку ајде да речеме оти ќе се скриеш.
Е сега не беше скриен во вишно небо?
He беше на еден орел вкачен?"

„Е вистина тамо бев, и кажало момчето, честита царева ќерко!
Јас ќe ce кријам уште два пати, да како ќе ми поможе Господ."
Така и рекло момчето и отишло при волкот да се крие.
Отишло кај што му се даде влакното од волкот.
Го извадило чантето со огнилото и секнало еден трат, та запалило и го жегнало влакното од волкот.

Едно смирисување волкот влакното, и ќорлемечки дотрчал кај детето.
„Што е, бре момче? Што зорт имаш што ме викаш?
Кажуј, ич не бој се," му рекол.
„Зортот ми е голем, пријателе, му рекло момчето, затоа те викам."
„Еле, еле кажуј да чујам, му рекол волкот, и ич не бој се,
чунки јас сум цар на сите волци, та можам да ти поможам и да те скријам."

„Многу ти благодарам, пријателе волку, на гајретот што ми го даваш и честа што ми ја правиш, му
рекло момчето, маката и зортот ми е, пријателе, да ме скриеш во некое скришно место, кај што да не
може човек да ме најде, макар и да ме бара три години, и на ум никогаш да не му иде на човека кај
сум скриен.
Чунки сум фатен со облог со царева ќерка што бие со тремпетето и ги бара момчињата што се кријат
како мене сега.
Ако го најде, ќе го погуби, а пак ако не може да го најде, ќe ja земе за невеста.
За така имам и јас облог со неа, пријателе волку."

„Е лели тој ал си го имал, ела по мене да те скријам,
да ако те најде, ашколсун ќе и речам,"
му рекол волкот и го зел по себе момчето, та го носи во една пуста пустелија.
Го внесе во едни длабоки пештери, во едни дупки дупени преку девет планиње.
Го држа таму цели три дни и три ноќи.
На треќиот ден го изваде волкот момчето од дупките и го испрати за кај царева ќерка да оди.

Кога станала царева ќерка да го бие тремпетето и да го бара момчето, кога го нашла во длабината на
планињето, на големо чудо станала и веднаш го викнала татка и.
„Татко, татко, му рекла, што беше ова чудно чудо од ова момче!
Види кај се скрило, татко, во длабината на девет најголеми планиње, при царот од волците."
„Бравос,ќерко, и рекол, белки е касмет твое да е, чунки вакво криење друго момче не се скрило ни
па ќе се скрие."

По тоа после дошло момчето и се преставило пред царева ќерка.
„Е царева ќерко, ме најде, и рекло, кај бев скриен, али не ме најде?"
„Mope jac те најдов, момче, при волкот скриено, туку те жалам оти ќе си загинеш млад и зелен;
затоа како што ти реков во волов рог да се пикнеш и пак ќе те најдам.
Ај оди, криј се пак, момче, да може да ти се погоди на ќорото и да ме земеш," му рекла.

Тргна момчето и појде кај местото од лисицата, кај што му даде влакно.
Секнало троа и го жегнало влакното на огнот.
Едно го смирисала лисицата влакното и дотрчала при момчето.
„Што е, бре момче, му рекла, што мака имаш?
Што ме викаш, кажи и на сестра ти кума лиса, да чуе?"
„Ех сестро кума лисо, и рекло момчето, ќе ти кажам и ќе ти прекажам, туку не знам дали ќе можеш да
ми поможеш и животот да ми го избавиш од кучка царева ќерка што бие со тремпетето и ги наоѓа
момчињата што се кријат, та ги погубува.
Ете тоа ми е маката, кума лисо, и мене сега ќе ме загине, чунки кај се скрив, се ме најде.

Последниот пат е сега што идам при тебе, за и ти да ме скриеш, та ако ме најде од твоето криење,
ќе ме загуби, а пак ако не ме најде, ќе ја земам за невеста и ќе се сторам царев зет."
„Бре, таа мака си ја имал? — му рекла кума лиса како очудена на момчето.
Ич да не се боиш, брате мое, нека сум ти жива јас.
На колку такви курветиње јас сум им скројала ќулави, да знаеш ти!
Да и на оваа со тремпетево ќе и го скројам ќулавот, ама сакам да ми кажеш ти, како си се крил и
кај си се крил до сега, да да знам што да правам после," му рекла.

„Да ти кажам, кума лисо, и одговорило момчето.
Јас откога поминав овде, кога ви ја делив главата, отидов при неа и се обложивме да и се скријам
некаде, и ако ме најде, да ме загуби, а пак ако не ме најде, да ја земам за невеста."
„Ха, после кај отиде? (така му велела кума лиса, се дури и кажувало момчето).
„После, сестрице лисо, почнало момчето, откога се обложивме, со прво отидов кај рибата што ви ја
делив овде главата.
Го извадив чакмак-ќесето, го одврзав, си го извадив огнилото и камчето, секнав еден трат и ја
жегнав лушпата што ми ја даде, кога ви ја делив главата, и на часот стаса сирота риба.

Откога и го кажав алот оти сакам да се скријам, со голем ќеф ме лапна в уста и влезе во длабината
на дно море, та ги најде трите и ќерки и влезе во едната, ќерка и со неа влезе во сестра и, и
сестрите со неа и со мене влегоа во треќата.
И така ме скрија во четири риби една во друга, во сред морската длабина.

Кога се најдов во толку скришно место скриен, сестро лисо, од радост ќе излетав, чунки верував оти
не ќе може да ме најде.
Арно ама откога излегов и појдов кај царева ќерка да ја прашам дали ме нашла, се зачудив кога чув
да ми каже оти во четири риби сум бил скриен на дно море, и ми рече: „Во волов рог да се скриеш,
момче, јас пак ќе те најдам, туку се почудив како си можел да се скриеш толку скришно во четири
риби и на дно в море."

Ете од тоа, кума лисо, се уплашив, кога ми рече оти во волов рог да се скријам, па ќе ме најдела и
ќе ме загубела.
После отидов при орелот, сестро лисо, и тој ме зеде на себе, та ме вкачи вишно небо и царева ќерка
и тамо ме најде.
После отидов кај волкот, за и тој да ме скрие,
бериќат ферсан и на волкот,
и тој многу се опечали да ме скрие низ девет планиње.

Арно ама јудата царева ќерка и тамо ме најде.
Ете тој ми е алот, сестро, сега ти татко, ти мајка;
ако ме избавиш од оваа мака, нема да ти го заборавам твоето добро во веки вај век."

Откога го ислушала кума лиса момчето, се изнасмеала и го повела по себе да го крие.
Кај ќе го однесе да го скрие ноќта, у царева ќерка дома, во нејзината аз-бавча.
Во бавчата од царева ќерка имало една јаболкница што раѓала катаден по едно јаболко големо колку
еден кош, и штотуку ќе паднело на земи, ќе ти пуштеше измеќарите царева ќерка и ќе си го донесеше
во нејзината одаја да и седи.

Знаејќи го тоа нешто лисицата, го испразнила јаболкото и го шукнала момчето внатре,
та му ја клала поклопката одозгора и ја замазнила, за ич да не се познава оти е отворено,
и го остави под јаболкницата да седи момчето во јаболкото.
Го научи и како да и рече на царева ќеркл, кога ќе го крши тремпетето.

Како секое утро царева ќерка што погледувала во јаболкницата, да види дали е паднато јаболкото,
така и тоа утро погледа и, едно го виде паднато јаболкото, ги прати измеќарите да го кренат на
тезгере и да и го донесат во одаја.
И го донесоа и го кладоа в долап да и стои.

Го зела царева ќерка тремпетето и почнала да бие и да го бара момчето,
прво по земјата, после низ морето, по небото и по сите страни на веков,
арно ама не можела да го најде никаде и на часот го викнала татка и, та му рекла:
„Ах бре татко, јас не можам да го најдам момчето, ќе се сторам за срамота што ќе земам едно момче
сиромашко:
кажи, бре пусто и штуро тремпете, каде е момчето, оти сега ќе те направам парче од парче!"

Колку го викнала на земи да го окрши, и и излегло момчето од јаболкото, та ја фатило за рака и и
рекло:
„Немој, царева ќерко и моја мила невесто, не крши го тремпетето, оти тоа не е од лисцата поитро."
Кога го виде царева ќерка тоа чудо, да и се крие момчето во јаболкото, ништо друго не беше рекла,
отколку си го венчала и си го воцарила и си го ќердосала.
„Бравос, синко, на твоето криење, му рекол царот на момчето, и алал да ти е ќерка ми, за век да си
ја ќердосаш."

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org