Сиромашкото момче и лисицата

Сиромашкото момче и лисицата
Во еден царски град до царските сараи си седела една жена вдовица и вдовицата си имала едно дете
машко.
Детето од вдовицата било многу лично и многу силно, та сите деца од него се боеле, само син му на
царот не му се страшел, чунки царски син бил и многупати играл царскиот син со од вдовицата детето
на секакви играчки детински.

Играјќи еднаш двете деца со некоја играчка, и не знам како беше згрешило детето од вдовицата и
беше го удрило пo глава, без да сака, и му ја расцепило главата, та на часот беше му линало крв од
главата како некоја река.
Откога беше го доболело јако, син му од царот писнал да плаче и отрчал дома да го наклевети на
царот.

Трештило и детето дома, та и кажало на мајка си за тоа нешто, оти му ја расцепи главата на син му
од царот.
„Оф, бре синко, што те натера гревот што го стори тоа чудо, плачејќи му рекла,
ти слагај се сега веќе умрен, ја дури е бргу качи се на таван и земи ја пушката од татка ти со
паласките, со фишеците, та спрашти ја кај ти очи, таму ти и глава.
Ако куртулисаш жив, ќар ќе ти биде животот, а пак ако те фатат, што си сторил, тоа ќе најдеш".

Кога го чуло детето од мајка си тој збор, на часот беше се качило на таван и ја зело пушката од
татка си, ги опашало паласките со фишеците и трештило да бега,
кај му очи тамо му и глава.
Цел ден што бегало прекутрупа, без да се сврти назад и да види дали трчаат по него.
До некое место го стемнило, и се притискало до некое дрво, та преспало некој саат и пак рипнало да
бега.

Бегало неколку дни и, кога дошло во некоја пустелија, нашло едно езеро;
во езерото имало илје и милје диви пајки.
„Ха, еве ми лов за мене, беше си рекло само со себе, ја чекај да отепам некоја, та да се
изнајадам".
Фрлило со пушката и си отепало од пајките и си се изнајало.
„Одовде потамо нема да одам, си рекло само со себе, овде има да живеам триста години, чунки има
пајки да си јадам".

Близу до езерото си нашло една голема пештера за живеење и пред пештерата си направило една убава
колиба, та си се курдисало да седи и да си живее.
Co денеска, со утре си се научило детето тамо да си живее.
Од дома уште поарно.
Си тепало пајки, си фаќало колку што му душа сакала, и си се ранело.

Живеејќи баеги време детето тамо, во една зима фатило голем студ, чунки паднал таму голем снег.
Момчето беше си приготвило уште од летото дрва и немало гајле од студот,
чунки си палело огон и си се греело.
Од големиот студ што бил таа зима, голем зорт беше виделе сите ѕверови тамо.
Гледајќи го чадот од колибата што излегувал од огнот на момчето, го видела една лисица и се
спуштила по дебелиот снег да трча и да појде, за да се огрее троа.

„Јас ќе одам да се греам кај огнот, си рекла сама со себе, да ако сакаат, и нека ме отепаат
поарно, одошто да умрам од студ во снегов".
Дошла на вратата од колибата и му се молела на момчето да ја прибере внатре, за да се огрее.
My ce нажалило на момчето и ја прибрало лисицата внатре.
Откога се огреала лисицата арно, се настранила покрај огнот и се опулила наугоре, та видела една
пајка обосена, и бидејќи лисицата гладна, и се посакало да си касне троа пајка, за да заголне душа.

„Ти се молам, бре момче, ако не ми дадеш троа од пајкана да каснам, му рекла, за да заголнам душа,
оти од пустава зима ќе си умрам од глад;
па и јас може некогаш да ти сторам некое добро, чунки јас сум царот на лисиците". Жалосливо
бидејќи момчето и атарџија, ја даде пајката за да јаде лисицата.

Ден, два поминале, лисицата нејќе да си оди, чунки и се заарнило, и си велела со умот: „Ако барам
одовде поарно, бељата си ја барам".
И на момчето му се заарнило, чунки лисицата го муабетисуваше и му ја суправаше куќата, како некоја
домаќинка.

По некој ден го сетил и волкот чадот од колибата, и тој беше му пошол кај момчето, та го молил да
го прибере внатре, за да се огрее, оти ќе умре од студ за чудо големо.
„Аман, бре брате и ти сестро кума лисо, пуштете ме внатре, им рекол волкот, за да се огреам, оти
ќе умрам од студ".
Кога го виде момчето волкот, умре од страв, чунки бил од најголемите волци.
„Што велиш, лисицо, ја прашало момчето, али да го пуштам?"
„Е, пушти го, сега дошол на врата, му рекла лисицата,
туку да го подврземе, за да не се пули горе на колиба".
„Е, лели си дошол сега, повели, му рекло момчето, ела да се огрееш".

Си влегол волкот во колибата, и лисицата му рекла:
„Слушај вамо, кир волку, еве те прибра момчето внатре, ама ич не ќе се пулиш горе на колибата, оти
без чест ќе си одиш после".
Влегол волкот во колибата и откога се изгреал арно, си рекол сам себе:
„Ај анасана, оти ми рече кума лиса да не се пулам rope во колибата, ја чекај ќе се опулам, за да
видам што има".

Арно ама лисицата се во очи му се пулела на волкот за да не го остави да се опули угоре и да ја
види пајката обесена.
Најпосле, беше се престрашил волкот од кума лиса и се опулил горе.
Кога гледа — пајка окубана, обесена.
„Аман, бре момче, те молам, ако не ми дадеш од пајкана, да каснам малку, оти сум прегладнел, да
ако дојде некоја сара, можам да ти поможам во некоја голема иктиза, чунки јас сум царот на
волците".

Виде невиде момчето, му ја даде пајката на волчка и го нарани, при се што му се срдела кума лиса,
и отиде та си отепа други пајки и си ги окуба та си ги обеси во колибага.
Кога виде волкот оти момчето донесе други пајки, си рекол со умот:
„И јас ќе си седам овде со кума лиса и со ова арно момче".
Така велејќи волкот, си се отурдисал и се сторил како домаќин, а лисицата како домаќинка.
И со волкот момчето се понаучи и му се заарни, чунки се разговараше и се шенеше.

По малку време го видела една мечка чадот од колибата од еден рид и и текнало оти има огон, та
слегла долу кај колибата и се прибрала до вратата, та го видела огнот кој што горел како некоја
варница.
Без да праша али ја прибираат рикнала еднаш силно и им влегла внатре, та им рекла на сите што беа
внатре:
„Е, пријатели, јас ви влегов дома, сакате-нејќете, гостин ќе ме имате";
„Е, гостин биди, мечко, и повели седни да се огрееш", и рекло момчето.

„Џанам, арно гостинка ќе ни бидеш, баба мецо, и рекла лисицата, туку ќе те молам од страна на
момчево да не се пулиш угоре во колибата".
Кога го чула мечката тој збор од лисицата, бидејќи посилна од лисицата и од волкот, не остави
време за после да се опули горе на колибата, како волкот што беше направил, ами на часот беше се
опулила горе на колибата и беше видела пајка обесена,
та го помолила момчето да и даде од пајката да касне.

„Момче бре, му рекла мечката на момчето, знам јac оти ти си домаќинот на колибата и кума лиса со
волчко ти се гости", а кума лиса бидејќи е многу стрвна за јадење кокошки и пајки, тики ми
заповедува јас да не се опулам горе и да видам оти има пајка и да не ти посакам за да јадам.
Арно ама ти не треба да ја слушаш неа, ако си умен,
ами треба да ми дадеш од пајката,
за да каснам, оти сум премрела за јадење, да и јас, ако сум човек — сум, ако не сум,
срамот ќе е на мене.

Ти треба да знаеш оти јас сум царот на мечките, ако ти дојде некоја иктиза голема, можам да ти
сторам големо добро".
„Вистина така е, тетка мечко, и рекло момчето, на, повели касни од пајкава и повели седни крај
огнот, за да се загрееш, оти си изѕемнала".
Се курдисала мечката крај огниште и, откога и се видело арно, и таа си останала како другите
гостинка.
По малку време и од мечката беше се престрашило момчето и му се заарнило.

По некој ден го видел еден орел чадот од колибата што излегувал, и долетал да види дали ќе има
нешто за јадење.
Едно влегување в колиба и го пречекало момчето како гостин.
Лисицата и на орелот му рекла да не се пули во колибата горе,
арно ама непендек е кога да му велиш нешто на човека за да го сопираш од нешто да не прави, уште
повеќе го прави,
тики и орелот не можел да се додржи, за да не се опули горе во колибата.
Едно ја видел пајката обесена, и му се посакало да касне.
„Ако не ми дадеш, бре момче, од пајкана да каснам, оти сум прегладнел му рекол,
да и јас, ако сум човек — сум;
ако ти дојде некогаш некоја голема иктиза, јас можам да ти поможам,
чунки и јас сум царот на орлите, како што се мечкава, волкот и лисицата".
Откога му се заарнило на орелот, и тој беше си останал гостин кај момчето.

He би час, еве ти го царот на зајаците, и тој дошол на вратата од колибата и му се помолил на
момчето, за да го прибере во колибата да се огрее.
„Ти се молам, бре момче, ако не ме прибереш в колиба да се огреам, оти сум изѕемнал", му рекол.
Знаејќи лисицата оти зајак не јаде месо, и мислејќи ако и се стори иктиза за да го јаде, беше се
оѕвила понапред таа одошто момчето, и го покани зајакот внатре, зa да влезе и да се огрее.
„Уу, како не ќе те прибереме, бре зајаку, му рекла лисицата, ела, ела, повели внатре, седни, огреј
се, оти и ти си душа, да ако ни потребаш за да те пуштиме за поштаџија, па и ти ќе не поризаш
тогај".
„Пеки, кума лисо, рекол зајакот, што измет сакаш, тоа ќе ви сторам, само речете ми, и готов сум да
одам".
Си влегол и зајакот в колиба и, откога му се заарнило и нему, и тој си останал таму како домаќин.

Момчето само им носи пајки и ги рани сите и им пали огон да се греат, а тие само муабети и смеи си
правеле, чунки лисицата им ѓаволувала и се смеела.
Во сите работи лисицата им заповедувала и тертип им клавала;
ова вака да било, она онака да било, и бидејќи ги кандисувала со итриштињето нејзини, сите ја
слушале, и како што ќе речела таа, така ќе било,
цела домаќинка на таа планинска куќа и на тие ѕверски цареви.

Поминала зимата и дошла пролет, арко ама тие си седеле со момчето во колибата и оттука давале
заповед по своите за некакви работи што си имале ѕверовите.
Зајакот, при се што бил и тој цар на зајаците, арно туку бил поштаџија, и кај што имале некоја
иктиза, го пуштале, за абер бргу да однесе и да донесе.
Момчето веќе си се навикнало со нив, како свои луѓе да си ги имал, ги честело од мерата надвор, а
најповвќе лисицата ја честело.
На таа чест што и ја правело на лисицата, и таа сакала да му стори некоја чест голема, чунки овој
век таков е:
честа чест носи.
Думала лисицата, шестала, каква чест да му стори, и и текнало.

Еден ден беше го извикала момнето на една страна и му рекла:
„А бре момче, знаеш, што сум издумала нешто, али не знаеш?"
„Откај ќе знам, мори кума лисо, што мислиш ти, кажи ми, да знам, и рекло момчето".
„Јас сум измислила да ти ја земам од царот ќерката му за невеста;
што велиш, сакаш да бидеш царев зет, али нејќеш?"

„Џанам, која мачка нејќе риба, да и јас да нејќам царева ќерка, мори кума лисо, и рекло момчето,
туку ич можеш ти да ја земеш, кога е затворена во едни големи сараи?"
„Е, нели ти ја сакаш, му рекла лисицата, трај си ти сега, моја работа е таа.
Јас како правам, правам, со арно, со лошо, јас ќе ти ја донесам овде".

Откога виде лисицата оти сака момчето да му ја земе царева ќерка за невеста, ги викнала на една
страна мечката, волкот, орелот и зајакот, та им го отворила тој муабет и им кажала еден тертип, за
како да ја земат царева ќерка.
„Е, честити цареви, знаете оти овој век е курдисан на чест, демек, ако ти стори некој една чест
или едно добро, треба и ти да му сториш и да му го вратизиш тоа добро и таа чест, им рекла
лисицата, да за честа и доброто што ни ги направи момчево во таа тешка зима нам, треба и ние да му
вратиме вудве.

Ќе појдеме кај царот и ќе му ја грабиме ќерка му, та ке му ја донесеме на момчено за невеста.
Ете, од таа чест поголема нема што да му направиме, браќа!"
„Слушајте сега, браќа, како сум намислила за да ја украдеме ќерка му од царот;
јас ќе се сторам еден орач, а вие, мечко и волчко, ќе се сторите наместо волови,
и ќе ве спрегнам во еден плуг, а ти, зајаку, ќе се сториш терач на воловите,
и ќе појдеме во цареви широки дворови, та ќе му го ораме дворот;
ако е портата затворена, ти зајаку, ќе влезеш низ ѓеризот во сарајот и ќе ни отвориш порта, за да
влеземе.
А пак ти, брате орле, ќе стоиш згора на царските сараи и ќе гледаш со четири очи кога ќе излезе
царева ќерка во дворот за да гледа сеир кога ораме ние, чунки орањето наше за чудо ќе им биде на
царот и на царева ќерка, та тогај ти пушти и се и грабни ја, та донеси му ја овде на момчево, ама
гледај со мукает да ја носиш, за да не ја убиеш со ноктите нешто.

Откога ќе ја грабиш ти, брате орле, ние ќе си побегнеме и ќе си дојдеме овде.
Еве каков тертип сум курдисала, браќа мои, сега што велите вие, арно е вака, али лошо? А пак ако
знаете вие некој тертип поарен, кажете".
„Еј, мори кума лисо, зар ние од тебе повеќе ќе знаеме тертипи да курдисуваме? и рекле. Поарен
тертип од тој што си го курдисала ти не ни треба, чунки нам не ни фаќа умот од тебе повеќе, да ај
да се спремаме и еден саат побргу да му одиме, за да ја свршиме оваа работа".

Откога виде лисицата оти кандиса мечката и другите, и виде оти не знаат поарно нешто да кажат,
зела та се спремала и една ноќ му се кошнале кај царот.
Бидејќи царските порти биле затворени, влегол зајакот низ ѓеризот во сарајот и им ја отворил
портата, та му влегле во царските дворови и почнале да ораат.
Тамам тогај било време кога беше биле сите растанати.
Седејќи царот на пенџере и пиејќи каве, ги видел ѕверовите кај ораат.

„Што анасана, си рекол со умот, али е вистина она што го гледам, али е лага?
Ја чекај да ја викнам царицата и ќерка ми, да видат и тие, и после да се кандисам на моиве очи".
Трчаница излегле царицата и ќерка и на чардакот, и едно пуштање, орелот беше ја грабнал царева
ќерка и беше ја дигнал ќерка му од царот и си летнал угоре во облаци,
та му ја однесол кај момчето на колиба.
Спискала мајка и, дотрчал царот да види што се стори.
Кога се научил, на чудо беше станал.
Пискале, плакале сите што биле во сарајот, и си останал царот без ќерка.

Дури пискале и плакале, лисицата со мечката, волкот и зајакот трештиле на бегање и си отишле в
планина кај момчето, и ете ти го царев зет беа го сториле.
Co голем страв била неколку дни царева ќерка, живеејќи покрај ѕверови, арно туку човек се учи на
тоа што ќе најде, и си се научила царевата ќерка од дома уште поарно, чунки си ја зела милоста со
момчето.
За јадење и за пиење што и душа сакало, тоа и се носело од царевите на ѕверовите.
И царевата ќерка многу ги честела, чунки гледала оти сите неа ја честеле.
Сета куќна работа тaa беше ја зела в раце и ич не ја оставала лисицата да фати куќна работа.

Откога ја дигна орелот царева ќерка, царот распратил по целата земја луѓе, за да ја бараат по сите
планини, по дрвја и камење, и кој ќе ја најде, голем бакшиш ќе земе од царот.
Што ти велаат:
царска рака долга, и далеку достига, беше ја нашле некои луѓе кај што била во пустелијата , во
колибата, со момчето и со ѕверовите.

Кога ги виделе ѕверовите луѓето, им се пуштиле да ги направат парчиња, арно ама царевата ќерка
беше ги измолила за да им простат, и уште еднаш да не дојдат таму.
Кога ја чуле ѕверовите молбата од царева ќерка, ги оставиле луѓето, и си ошле кај царот, та му
кажале оти му ја нашле ќерка му во фиљан пустелија,
во една колиба да живee со ѕверови.

Кога чул царот оти тамо била ќерка му, заповедал да појде многу војска, да ги истепаат ѕверовите и
да ја избават ќерка му.
Се спремала војската и тргнала за да оди во пустелијата.
Арно одела војската, туку не знаела што ќе ја најдело од ѕверовите.
Итра бидејќи лисицата, откога си отишле луѓето што ги измолила царева ќерка,
беше направила еден мезлич со мечката и другите и другари и им кажала оти ќе дојде некоја голема
потера откај царот, за да ја земат ќерка му.

„Знаете, другари, што ќе не најде сега бргу од царската страна", им рекла.
„Што има да не најде, мори кума лисо, и рекла мечката и другите, од царската страна? Ќажи ни, да
те чуеме."
„Голема потера ќе прати царот, за да ја куртулиса ќерка си одовде, туку еве јас како велам да
направиме:
нека летне орелот и нека појде близу до градот, за да види дали ќе иде војска вамо,
како што ви велам.
Ако иде, бргу да дојде назад и дани стори абер, та да се приготвиме и ние со војските наши".

На тоа нешто што им кажала лисицата, и одобриле, и одлетал орелот да види дали ќе иде војска.
До пол пат беше летал и беше срел војска царска, кај идела кај нив.
Се вратил орелот назад со голема брзина и им кажал на другите.
Кога го чуле тоа нешто од орелот, веднаш се допрашале до лисицата како да прават.
„Еве како ќе правиме, браќа, им рекла лисицата; ние сме сите цареви;
сите ќе дадеме по една заповед на своите, да се соберат овде, до што може да носи оружје и да се
допреме на војската царска:
орлите озгора да фрлаат камење на војската, а нашата војска на земи да ја удри војската од сите
четири страни, и бездруго ќе ја победиме царската војска.
Ај нека појде зајакот со голема брзина и нека им стори абер на сите, за да дојдат овдека. И ти,
брате орле, стори абер по вашите, да дотрчаат овде час побргу".

Се пуштил зајакот како некој силен татар, и одлетал орелот, та им сторил абер на сите. „Здраво-
живо имате од царот, им рекле на мечките, како да знаете еден час побргу да појдете кај него, до
што може оружје да носи, оти има голема иктиза.
Здраво-живо имате од царот, им рекле ка волците, до што може да носи од вас оружје, сите да
појдете оти има од вас голема иктиза.
Здраво-живо имате од царот, им рекле на лисиците, до што може да носи оружје, сите да појдете кај
него оти има голема иктиза од вас".

Зајакот веќе си ги поканил своите, така и орелот, и сите пет големи и силни ѕверски војски беа
отрчале кај царевите.
Бидејќи лисицата поитра неа беше ја нарекле како садриазам на сета војска,
за таа да дава заповед на војскигге, која кај да стои, која отпрвин да удри.

И едно беше дошла царската војска кај што биле орлите закриени, веднаш беа летнале сите над нив и
јалла капфен!
се расфрлале со камење одозгора на царската војска.
Кога видела војската тоа нешто, беше се учудила и беше се исплашила многу.
Свртиле пушки наугоре спроти орлите, спукотеле ѓоа да ги отепаат, арно ама, ич можело во облаци
куршумот да појде, та да отепаат орли?
Дури да слезат орлите да си земат камење на земи
и се спуштија ѕверовите од четири страни на царската војска,
та сета беше ја направиле комиње дармадаана,
и трештила царската војска назад да бега.
Ни барем половиката не се вратиле назад.

Кога видел царот, пратил уште две-толку војска болаиќи да ги победат ѕверовите,
арно ама пак не беше могле да ги надбијат.
Треќи пат пратил царот три-толку војска, и треќи пат беше се разбила војската царска и се вратила
назад разбиена.

Откога видел царот оти ништо не можел да им стори на ѕверовите,
удрил по маѓесници да бара крај,
чунки така беше му рекле философите:
надворештињето му ја грабиле ќерка му и тие ги собирале ѕверовите за да му ја вардат ќерка му.
Барал вамо, барал тамо и нашол една стара баба од првите маѓесници,
та ја пазарил многу скапо за да му ја избави ќерка му од ѕверовите.

Зела бабата еден ќуп голем, полн со маѓии, и ја однесле во пустелијата, та и ја кажале оддалеку
колибата кај што била ќерка му од царот.
Квечерината се прибрала бабата до колибата и и се помолила на ќерка му од царот да ја прибере во
колибата, оти е сиромашка.
И се нажалило на царската ќерка и ја прибрала.

Седејќи неколку дни бабата, остана сама ќерка му од царот едно утро, и тогај нашла време бабата за
да ја граби.
„Блазе си ти, ќерко, и рекла бабата, што си ја имаш колибава и си живееш во неа,
a не како мене проклета, што живеам во ќупон наместо куќа.
„Уу, бабо, како можеш да живееш во ќупон? и рекла царева ќерка,
јас саде тоа не ти го верувам дури не видам".
„Е, лели не ме веруваш, ќерко, ела да видиш", и рекла старата,
чунки тоа нешто беше го чекала, и отишла бабата во ќупот,
та влегла внатре и дојдувајќи до ќупот, ќерка му од царот, за да ја види бабата внатре, ја
добавила за рака и ја тргнала в ќуп и неа, и бидејќи ќупот бил маѓепсан за кога да има две жени
внатре, туку веднаш беше летнал на ветер,
со ветроштињето, и право си отишол кај царот.

Царот се израдувал, а момчето и ѕверовите беа се нажалиле кога беше не ја нашле в колиба.
„Ах, проклета баба, беше им рекла лисицата на другите.
Таа ни ја граби ќерка му од царот;
чекај да види царот што машко сум јас, али му ја земам ќерка му, али умирам".
На лутината згора се спремила лисицата пак со плугот и му отишла во царските дворови пак да ора.
Орелот беше се засолнал на некоја страна и едно беше ги видела царева ќерка, и текнало оти за неа
беше дошле да ја земат.
Дури да стори царева ќерка едно здраво-живо со нив, орелот одненадејно беше ја грабнал и ја
однесол кај момчето.
На часот беше си избегале лисицата и другите кај момчето.

Кога се научи царот оти пак му ја грабија, пак пратил многу пати војски за да ги победат
ѕверовите, арно ама не би возможно да ги победи.
Прати маѓесници, назад не беа си дошле.
И откога виде оти со лошо не се излегува на глава, пратил риџаџии да моли со голема молба да дојде
момчето сосе ќерка му кај царот, за да му биде домазет.
Кандисало момчето да оди, ама сосе ѕверовите да оди.
И со тоа кандисал царот, само ќерка му да му е дома.
Дошле многу кочии откај царот и ги зеле сите да ги однесат кај царот.
Секој од ѕверовите си зеле од своите војски по себе, и му отишле кај царот.
А царот ги пречекал со голема чест и си живееле таму дури биле живи.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org