Блаже Конески. Поезија
"Јоргован"

Содржина
Јоргован

     На автострадата што извива покрај големата 
река беа запреле две чергарски коли. Циганите 
распрегаа. Понастрана, на лединката, жените веќе 
палеа oraн. Во првата замраченост на мајската 
вечер сето тоа внесуваше домаќинско спокојство, 
одамна жедувано од ова тврдо место.
     Застанав за малку и го гледав призорот, како 
некаков нов Алеко. Две чергарчиња, машко и 
девојченце, се стрчнаа боси по насипот покрај мене 
и се запреа пред една од двојките што во тоа време 
обично шетаат тука. Парот беше сосем млад: сигурно 
прва љубов на чирак, со модар качкет, и 
слуrинче со басмена престилка.
     Циганчињата ги подадоа рацете со оној привичен 
професионален гест, со кој се пита леб. Но 
тие сега питаа нешто друго: rранче од јоргованот 
што го носеше девојката. Таа застана изненадено, 
се погледаа со момчето, а после им скрши од јоргованот 
и им даде. Децата ликувајќи се стрчнаа назад.
     Тихиот самрак носеше свежина од блиската 
вода и ја соживуваше некако особено оваа мала 
случка. Си мислев: кој ли од тие што учествуваа 
во неа ќe си ја спомни некогаш најживо? Дали овие 
диви чергарчиња, загубени низ дните во чкрботот 
на колцата, можеби во некој ваков час на починка 
покрај река? Дали оваа слугинка, по мачни години, 
на која подарениот јоргован ќe и смириса со спомен 
за најубавата љубовна тревога, единствено 
драга? Или јас што овде сам и најмалку причастен 
ја гледав таа случка?
     О најарно, јорговане, да те паметиме сите ние, 
толку непознати, далечни, случајно сретнати, а 
сепак поврзани со добрината на твојата мирисна 
душа. Па буди му ја на некого свежеста на детството, 
на некого морниците на првата љубов, на 
некого само тихата самост крај река.

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org