Блаже Конески. Поезија
"Караорман"

Содржина
Караорман

Караорман и Славеј Планина, 
двајца бpaќa, два лути ајдути. 
Караорман — постариот браток, 
а Славеј е брате помалово. 
Нигде нема лика над нивната, 
ниrде нема сила над нивната. 
До кај држи рамната Дебарца, 
до кај држи пуста Малесија, 
до кај држи земја македонска — 
за нив народ славна песна пее, 
за нивната лика и јунаство.

Караорман и Славеј Планино,
ноќта вари та што ве превари,
ве завари поле пустелио.
Од одење нозе постанале,
од одење снага премалела,
та легнаа бpaќa да поспијат.
До рамено рамо се гушнале,
со една се сакма наметнале.
Над нив ситни-дробни ѕвезди горат
и ветрец им тивка песна пее,
песна пее за да ги успие.
Но не спие Караорман силен,
а саноќ се тешко издишува.

„Караорман, брате поголемо, 
каква жалба на срце те гори 
та не можеш caнoќ да заспиеш?”
„Ој Славејко, мое мило брате,
јас си имам до две лути жалби.
Жалба ми е личната невеста
што ја клети Турци загубие.
Жалба ми е млада партизанка.
што ми падна во борба крвава.
Јас на живот двете ги заљубив
и двете ми мене заrинае.
Кај да најдам нивна убавина,
кај да видам нивнините очи,
кај да чујам нивното зборвење?"

„Караорман, брате поголемо,
немој толку тага да тагуваш.
Ти погледај дробни ѕвезди над нас,
тоа ми се нивнините очи.
Ти наслушај извир кај извира,
тоа ми е нивното зборвење.
Ти мирисни трева ка мириса,
ка мириса смилот и ковилот,
тоа ми е нивнината душа".

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org