Блаже Конески. Поезија
"Игра со дете"

Содржина
Игра со дете

На ќерка ми

1.
Дај ми ги рачињата,
здружи ги прстињата,
нашата игра да си ја почнеме
стара и проста
но шалава доста:

Чук, чук!
Кој чука?
Стојанче.
Што бара?
Оганче.
Влези,
земи си.

Враже, таму кученце си скрило
и се смешкаш лукаво ко сребро,
и се смееш како изворче!
А пак мене - зошто сега веднаш? -
пред портата на срцево
сенка ми застанува,
со студни прсти некој тихо тропа

Чук, чук!
Кој чука?
Тагата.
Влези внатре.

Јас жалам дека сивило ми паѓа,
пепелав плашт,
на споменот за твојте дни и игри,
о дете мое!
Нели сум за нив сведок единствен,
а правам таква изневера страшна:
јас немам сила она да го чувам
што ќе го бараш ти по тајно чувство,
што ќе го барам јас - со горка жед.

О расипник!
Ти криеш вземи благо сека ноќ
а дента веќе забораваш каде.
Ко огниште коледарско е умот:
взори напуштено,
снег го премрежува,
жарта пишти и гасне,
и јагленче е споменот.

Па кај е, кажи, оној блесок прв
на првно запче?
И кај е, токму каков беше гласот
на она слатко гугање?
Знам! Знам!
Но зошто веднаш појасно ги гледам
во утро пролетно
во дворот наш
двете гугучки на кајсијата?

2.
Ништо.
Така.

Мило, ти се смееш како сребро,
ти се смееш како изворче: тече
смеа во браздичка бистра,
по зелени тревки,
пее смешна песна,
скокотлива игра -
за прстињата
на ножињата:

Малото прсте - просенце
а до него - бобенце,
а до него - грозјенце,
а до него - лешниче,
а до него - јагодче,
врапче да го чапне,
шатче да го лапне!

Ти го криеш лукавото палче
полно скокот, полно итрини:
оно знае - каква радост тогаш! -
од скинато чорапче да ѕирне
како глувче.
Ќе го начекам.
Ти се смееш ѕунливо ко сребро,
ти се смееш како изворче.

Очи, очи на моето дете!
Со вас зборам - и се радувам,
а со себе - се нажалувам.
Игро проста до животинско!
Кај е она спокојство на лавот
што го шарат од решетки сенки
но тој има толку широк усмев,
мудро смирен поглед,
кога својте дечиња ги гледа
со опашот кај му играат.

Сине мило!
Ти го славиш твојот голем татко.
А јас -
кога од некаков израз
по лицето сенка ќе ти мине,
трепет што го мислам само мој -
се плашам:
да не некој миг
некогаш
по исти начин како мене
да преживееш.

Пред портата од срцево
некој запира,
чука,
праша:
може ли срце - лебна трошка
некого да засити,
може ли таа ломна стреа
некого да заштити?

3.
Сине мило!
Твојот татко глуви битки бие,
ти си само негов верен војник,
само еден,
ти ја следиш неговата сила.
Ако паднам во дневниот подвиг,
ти ќe треба со своето снаже,
сине, само да се исправиш.
Зашто - дете, тоа звучи гордо!

За сѐ мрачно и мачно во светов
имам една насмевка на татко
и со неа понемирен грч,
а ти имаш верба ужасна,
сине - дојди да се гушнеме,
не лути се што те стискам толку!
Во играта секој нешто влага:
да се гушне смеење и тага.
1953.

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org