Блаже Конески. Поезија
"Две другачки"

Содржина
Две другачки

(В затвор на „свиждане" - 1942 година.)

3атворницата

Ами бебенцето, слаткото, слаткото,
камо го - еднаш само да го гушнам!
Кажи - си гука? Боже - да го слушнам.

Другачкаша

Со глас се смее, како прле прета
и со рачињата само лета, лета.

3атворницата

Зошто не го зеде? Да го донесеше!
Детински очи да погледав тука,
детинско срце да сетев кај чука.
И ти - за толку смислена да си бидела:
од кога, еј од кога детенце не сум видела.
А сега брзо кажуј како сте, како минете,
за себе кажи ми - сакам се да знам,
јас тебе уште за прва друшка те познавам

Другачката

Што да ти кажувам?
За тебе жал ми е ...

3атворницата

Зошто?

Другачката

Те нема - едно да бидеме
и кај ни срце сака пак да си идеме.

3атворницата

Сега е друго. Не може сега.
Но ете и мене мислата често ми бега
во дните кај вас водвор кога седевме,
за тие смеи,
за игри, за се и
за тоа со каква надеж животот си го редевме
Ти после замина,
јас на друга страна.
Четири години ... со мене оттогаш
многу, многу нешто стана.

Другачкаша

Одвај те препознав.

3атворницата

А ти си истата.

Другачката

Да знаеш колку си од мене тажена...

3атворницата

Немој! Јас не сакам солзи и пискоти.
А речи како си - со дете, мажена.

Другачката

Самата знаеш - нови домаќини,
не ни е се погодено.
Пак и времињата не се.
Главно во слога си минеме,
колку што може збиркаме,
за куќата си спремаме
што треба да откинеме.
Така е, не, баш послатко –
се сама да си редам.
Куќата многу барала,
јас дури сега гледам.
Ретко да излезам: кино, слаткариица,
штом не е на дуќан мажот ме води.
Некогаш детето в парк ќе го прошетам,
некогаш остај го, на корзо оди...

3атворницата (упаѓа)

На корзо? А зар има уште корзо?

Другачката

Има, до седум.

3атворницата

И одат така - ред по редум?

Другачката

Да, само векот е некако глув.
Те чуди?

3атворницата

Дека првпат чув.
Мислам ... се вртат опашките вешто.

Другачката

Ти ми се смееш. Да не згрешив нешто?

3атворницата

Не, мила! Гледаш - ти се радувам.
Но има луѓе - в гради пајажина, - празно.
Се сетив за нив и ми иде штуро, мразно.
Јас ке ти кажам за брат ми и снаа ми:
дошле - тој се тутка, таа се срами,
поджолтнати - на прсти газат,
одвај шушолат, в очи не ми се пулат,
од срце нема збор да ми кажат
и оти Лазар бил жив - ме лажат.

Другачката

Не вели, може!

3атворницата

Е мртов, отепан, одамна веќе знам.
Па што? Што дека? Го убиле...грозно...
Да премирам? Да плачам? Да зајдувам?
Не! Ќе траам!
Отепан уште појќе јас го љубувам.

Стражарот

Стига!

3атворницата

Одам. Засега што да си кажеме?
Дај да те бацам, дојди пак –
но лудо, ти не тажи ме.
(Си оди.)

Другачката (плаче)

Сирота...
1942. 1951.

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org