Блаже Конески. Поезија
"Дијалог на полноќ"

Содржина
Дијалог на полноќ

(Човекот си се размислува в постела.)

Како се измеша веков,
косата да ти се крене!
Н'остана живот за нас,
за берокуќници,
за прокопсаници,
луѓе чесни домаќини...

Си збиркал, се вели, еднодруго,
си пустел, си штурил -
в бочва винце си турил,
сиренце в каченце,
в амбарче брашенце,
на чингел пастрмца,
си робувал да си пригодувал –
како берокуќник,
како прокопсаник
и домаќин човек.

Крмнак сум заклал,
колбаси сум наклал,
сполај му на бога,
гревота да се жалам –
арно ми пушти прасето,
стопив три канти сало.

Компири, грав,
ти реков - ми рече,
од немачка, далеку била,
немам страв.
За цела година
има да кркаат дечињата.
Откај комшиите, богме, сосе черга
кај нас ќе минат глувчињата.

И слобода чекавме,
и слобода ни дојде:
напи си се винце,
и што песна милееш
можеш да си испееш.

Што сакавме - си имаме,
се ни е арно и погодено.
И пак тие пци
бунтови креваат,
очите си ги вадат –
заради нив сега
цел народ да страда.

Како се смеша веков,
косата да ти се крене!
Си збиркал, си пустел, си стекол,
а сега од страв водвор да не можеш
асолно да си се исекнеш!

Нити со мерак најаден, напиен,
нити човечки наспиен:
ноќе, што било ова
саноќ да се пука –
кутрата, се стуткала жената,
а мене срцево тапан ми чука.

Знаеш богдачува што бидува?
Никој не те праша: прав си ја крив.
Туку ти рикнала пред порта мечка:
денес ундисуваш,
утре те нема жив.

(Надвор е бура, кој да ја разбере темницата
налудничава, вие ветрот и можеби кажува
утеха:)

Јачи околу во темницата,
можеби таму дрвја се корнат
и со ветрот, и со дождот, со темницата
ноќта очаена издишува,
остаена, смртно ранета.

Не бој се,
висок е ѕидот,
портата и на жапка заклучена,
в кревет
под два покрова
не затинај ги ушите –
ние над друг плачеме,
со смртта што се знае,
со ѕвезда роден на чело.

Тебе во домата ти е
како во ковчегот Ноев:
крвава пена да врие надвор,
тој докрепува јак.
Инаку како животот другиден
да се намножи пак?!

Јачи околу во темницата,
можеби таму дрвја се корнат
и со ветрот, и со дождот, со темницата
ноќта очаена издишува,
остаена, смртно ранета.
1941

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org