Блаже Конески. Поезија
"Буната Карпошова"

Содржина
Буната Карпошова

Во 1689 година го разбунтува Карпош против беговите Кумановскиот крај.

Оган ја разгоре ноќта,
пушки немирници ѕунат
народе стануј,
збирај се војско!
Буна се крева,
буна!

Карпош од Карадаг слезе,
од село в село ита,
планински виор ги разлулеа

зрелите в поле жита.
Народе стануј,
збирај се војско,
рипај машчио,
сиромашчио,
гола-боса!
Грабај
кој има - кременарка,!
кој нема - ластегарка,
сор и koca -
удри го- бејското племе,
темник нека го земе,
виор в пустелија нека го расее,
пчошкото семе!

Каде поганци од кулите
сосе пискулите
и булите?
Нема да куртулите!

Крвав ви иде Еремија -
в десница сабја му трешница,
в левица гламна горешница.
Страшна е раката
пито плаќа за маката!

Зора зазорува -
а по сите патје
идат лути сватје,
чекај, кумановски граде,
ќе тропнат на твојте вратје,
отворај визби, амбари,
токми дарови –
Карпош ти води свадбари.

Буно Карпошова,
селанска веселбо!
Црвено вино
–црвена крв–
на пат се лее,
јуначка песна се пее:
На крала кралство ке земеме,
на цара царство ке земеме,
земја ке ослободиме!

Идат...
А крај пат,
на сув брест качен,
Зија-бег - на високо.
На рамо гаргач држи
место сокол.

Зијо,
змијо
на капина префрлена,
еве ти за белите
што ги чинеше,
душата што ни ја кинеше,
еве ти за беделите,
за кулуците по неделите.

Идат...
Бајрак крвавее,
пушки ѕунат –
народе стануј,
збирај се војско,
буна се крева,
буна!

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org