Блаже Конески. Поезија
"Калемегдан"

Содржина
Калемегдан

Го сакам ова место покрај Сава
во час на самрак, на стаена врева.
Ко водјето на таа речна става
и мојот дух со спокојство се слева.

Од Калемегдан сум слегувал често
по скалите под стари влажни сводје
до ова мирно предвечерно место,
до шепотот на тие тихи водје.

Но колку време, какво време мина
од дните кога овде сам сум шетал!
Си текла, реко, в далечина сина
и една младост текла без да сетам.

И еве пак во самрак сега идам
на брегот речен по патека знајна;
ме сили нешто се потих да бидам
ко човек којшто наслушува тајна.

Се потихо се гласи стапка сека
и како бран се слева мојот живот
со ритамот на таа ширна река,
на таа мирна приквечер со дивот.

И јас сум само бран што леко тече,
се плиска, шуми, се смирува, трае,
и макар мрачен неврат да го влече,
но сушноста тој сепак си ја знае.

Јас течам, течам... И своите стапка
јас сам ги слушам на брег како в соне,
јас бран сум студен од гушнати капки
и тонам како песната што тоне.

И покорен на таа плавна песна
се кревам горе па брегот го љубам.
О време, сето брановитост свесиа,
зар зеде нешто и зар нешто губам?

Не! Тие стапки во приквечер јасна
ги слушам веќе една вечност цела
и не велам: ти пусто, младост, згасна
а - ти си уште жива, младост! - велам.

И само жалам дека немам спомен
што појарко во свеста да те роди
од овој ритам на стапките, ломен,
од шепотот на тие тихи води.

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org