Блаже Конески. Поезија
"Беласица"

Содржина
Беласица

Во најголемата вжештеност на битката, кога се чини дека таа трае отсекогаш и дека ќе трае довека, 
него го обиколија во железно клопче и го отфрлија од седлото. Ѕвекна оклоп од оклоп и тој ја сети 
болно сета своја тежина, бувната во земјата, и сета своја избезумена сила од која прскаа немошни 
алките на панцирот. Приповдигнат на едното колено тој виде десетина копја замавнати неповратно да 
се забодат во неговото месо веќе намовнато за крик. Во мигот што преостануваше, недоволен ни за 
едно вдишување, тој замавна со мечот со една неподозирана сила, иако на тоа движење му беше судено 
да остане недовршено, при сиот остар блесок на челиеот. Но тоа движење извре неминовно од нешто во 
него што го усети сето ова испреплеткано потискање и суривање во неговата сурова и целосна 
поврзаност и што знаеше дека овој очајнички замав нема да се загуби, а ќе влијае на исходот на 
оваа битка и на сите битки што идат. Крикот што се чу беше крич на грчовито ликување.

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org