Блаже Конески. Поезија
"Колумбо"

Содржина
Колумбо

Ја видов првпат таа земја в зори,
Мечтаната — та очиве да пазат
Прв одблесок на сини дални гори,
Морничавост на бранови што лазат.

За ваму, ребрест, на веслата фатот
Ме водеше, без бури да го сразат.
О убав беше в неизвестност патот,
А тажно беше враќењето назад.

И крајот уште потажен ќе бидел —
Да мреам, земјо моја, робјаш гонет,
Јас, што за простор жеден сум ти идел.

Во темнило и споменот ми тоне —
Да не знам веќе дали сум те видел
Или пак само сум те сонил в соне.

Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org