Macedonian Folk Love Songs


Љубовна народна поезија

1.
Мори девојко јарембице,
не пеј рано во зората!
Коно си носа на вода,
а коно вода не пие,
од твојте тонки гласови,
што гласиш рано в недеља,
кога момчиња в црква ода,
кога девојки за вода ода!

2.
Да ти беше мило за мене,
не би чекал есен месец да греди,
не би чекал месечина да греди!
Месечина за патници друмници,
темни ноќи за две млади зелени,
како мене, лудо младо, и тебе!

3.
Чие е она девојче,
што рано одит на вода?
Чекај, почекај девојче,
и ја ќе дојдам со тебе,
стомните да ти поносам,
рацете да ти одменам,
прстење да ти разменам.

4.
Сношти те Маре сонував,
на сон се маре радував.
Бело ти лице откривав,
танка ти снага покривав.
Танка ти снага покривав,
руси ти коси милував.
Рано се маре разбудив,
тебе те маре не најдов.

5.
Заспала мома крај море,
под една гранка маслинка.
Повеа ветер од море,
открши гранка маслинка,
го удри моме по грло.
Моме се од сон разбуди,
моме ми љуто проколна:
--Егиди, ветер Меглене,
зашто ме од сон разбуди,
никога да не повеиш!
Што голем сон си догледаф,
на сон минеа три луди:
првото лудо што мина,
тој ми потфрли јаболко,
позелен да е од него;
второто лудо што мина,
тој ми потфрли злат прстен,
низ него да се провирет;
треќото лудо што мина,
тој ме на соне целива,
со него век да векувам.

6.
Сношти дојде чужди јунак
у нас на конак.
У ранина коња стега
далек ќе бега.
У ранина коња стега
далек ќе бега.
А девојче у склон стои
с'лзи си рони...

7.
Дотекла вода студена,
роди се Jана убава.
Кога се Јана родила,
мајка и магија сторила.
Живо е пиле фанала,
во оган го е фрлила.
--Kако што се врти пилето,
така да се вртат ергени,
така да се вртат ергени,
по наша Јана убава.

8.
Дејгиди, луди млади години,
летнавте како сиви галаби.
Летнавте како сиви галаби,
паднавте во момини дворово.
Паднавте во момини дворово,
слетавте на момини скутови.
Слетавте на момини скутови,
преспавте во момини пазуви.
Преспавте во момини пазуви,
за мене каил не се сторивте.

9.
Девојка се на бога молеше:
--Дај ми боже силниве дожеви,
по дожеви - силнине ветрови,
да пропаднет таткова ми куќа,
да направит татко висок диван,
да се кача горе на диванот,
да го гледа лудо от спротива.

10.
Пиле пишти, нане, пиле пишти,
пиле пишти, нане у конопле!
Не е пиле, нане, у конопле,
тук е момче, нане, сос девојче.
Жално му се моли, нане, девојчето,
девојчето, нане, на момчето:
--Не ми мрси, лудо, не ми мрси,
не ми мрси, лудо, руси коси!
Не ми љуби, лудо, не ми љуби,
не ми љуби, лудо, бело лице!

11.
Ако сакаш росно цвеќе,
дојди лудо на утрина,
на утрина цвеќе росно,
цвеќе росно и весело.
Ако сакаш ладна вода,
дојди лудо на планина,
на планина вода ладна,
вода ладна и студена.
Ако сакаш милување,
дојди лудо на вечера,
навечер е малој моме,
мило-драго милување.

12.
На рид имат до три бели снега,
еден лансќи, други олумлансќи,
овој третиј, леле, годинашни;
а на стреде малко раскопнато,
и на раскопнато постеља послана,
на постеља лудо и девојка...

13.
--Леле Јанко, мили сину,
ќе те питам, ќе те прашам,
сакам право да ми кажеш:
сека вечер коња ковеш,
плочи тураш чисто стребро,
клинци тураш водно злато;
вечер идеш, заран дојдеш,
да ми кажеш, каде одеш?
--Мори мамо, стара мамо,
лели прашаш, ќе ти кажам:
одам, мамо, у пустиња,
тамо љубам посестрима,
посестрима Самовила.
Она ме је зак'нала
да не кажам каде одам!

14.
Легнала мома заспала,
меѓу две гори зелени,
меѓу две води студени;
никој крај неа немаше,
вишен је господ нат неа,
црна је земја пот неа,
станоит камен позглаа,
пот камен змија љутица.
Змија си бога молеше:
умри ја, боже девојка,
гнездо в коса је да праам,
от лице месо да јадам,
от очи вода да пијам!
Како ми бога молеше,
така је господ поможи,
тога девојка ми умре:
в коси гнездо направи,
от лице месо јадеше,
от очи вода пиеше!

15.
Е проклет да е кој љуби,
кој љуби, да се не земе!
Е како јас и Марика,
Марика мома убава,
Марика китка каранфил,
девет години носена,
по ергенски џебои!
Прва година отидов,
Марика да ја посакам,
мајка и вели: Малка е,
малка е наша Марика;
друга година отидов,
Марика да ја посакам,
мајка и вели: Болна е,
болна е наша Марика;
трета година отидов,
Марика да ја посакам,
мајка и вели: Премина,
премина наша Марика!
Ах што е мачно и жално,
Марике, моме убаво!

16.
Сви сватови на коња вјахнаа,
младожења на коња не вјаа,
дур да земе од татко проштење,
и од мајка, и од сета рода.
Јунаку се срце разиграло,
како риба во длабоко море,
како вино во стребрена чаша,
како овен во големо стадо,
от ќе иде по млада невеста!

17.
Пиле пее сино и зелено,
будит моме бело и црвено:
--Стани моме, здраво не станало,
по ридови сонце огрејало,
по дворови китени сватови!

18.
Ластовице, мори, црно пиле,
не шетај се, мори, горе-долу,
горе-долу, мори, низ бавчето,
ќа растераш, мори, билбилчето,
ќе побудиш, мори, господара!
Сама сам го, мори, успивала,
сама ќа го, мори, ја пробудам!

19.
Е излези, црноока невесто,
да пречекаш прва љуба од лова,
да му фатиш брза којна ранена,
да го врзиш за калинка в градина,
да му дадеш дробно сено да еде;
да му дадеш сухо грозде да еде,
да му дадеш дробен бисер да еде.


Copyright ©. George Mitrevski. mitrevski@pelister.org